Пендаровски: Концептот „Заедно" ќе победи во вториот круг од претседателските избори на 5 мај

Секој треба да учествува во позитивните промени. Подавам рака кон сите. Ќе бидам европски претседател на сите граѓани, во европска Република Северна Македонија, порача кандидатот за шеф на државата од СДСМ и Коалицијата Стево Пендаровски по завршувањето на првиот круг од претседателските избори.

 

-Концептот заедно ќе победи во вториот круг од претседателските избори на 5 мај. Јасно е, мнозинството граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Власи, Роми, други… се изјаснија дека сакаат Напред. Тоа е другиот дел од успешниот концепт за сите нас и за нашата држава, рече Пендаровски.

Денешното гласање, оцени, помина во демократски дух. Очекувам така и да продолжиме и на 5 мај да ги финишираме овие избори.

-Едвај чекам да се фатам за работа на патот кон евро-атлантска и економски развиена Република Северна Македонија, за сите, од позицијата претседател на државата затоа што 10 години оваа земја немаше претседател. Да не и го правиме тоа повеќе на нашата држава. Изборот во вториот круг од претседателските избори е стеснет од три кандидати на два претседателски кандидата, ама изборот ќе биде полесен. Разликата помеѓу мене и Гордана Силјановска е голема и верувам дека тоа ќе придонесе за уште поголема одлучност и тоа во прилог на концептот Напред, затоа што знаеме, Назад не е опција, туку блокада и криза, посочи Пендаровски.

 

Тој им порача на граѓаните кои гласаа за кандидатот Блерим Река, неодлучните, како и оние кои гласаа за Силјановска, дека внатрешно се свесни за штетите што ги носи концептот на поделби и враќање назад.

-Знам дека знаете што е исправно за државата, за вас и најважно за децата. Ваши, наши, тие се деца на нашата заедничка иднина. Прогресивниот концептот Едно општество за сите мора да продолжи, за да живееме заедно спокојно. Прогресивниот концепт Евро-атлантски интеграции мора да продолжи, за да живееме во стабилна и напредна држава. Прогресивниот концепт, Економски развиена држава, е можен само ако се реализираат и првите два концепта. Ќе разговараме за ова и во следните две недели, потенцира Пендаровски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.