Признанија за најдобрите крводарители во Виница

Дваесетина најредовни крводарители од Виница добија награди и признанија од локалната самоуправа и од општинскиот Црвен крст како благодарност за покажаната хуманост и општествена одговорност.

 

На свеченоста што се одржа по повод 74-годишнината на Црвениот крст, посебно беше истакната заслугата на луѓето кои повеќе од сто пати доброволно дарувале крв и придонеле Виница со години да се вбројува меѓу најхуманите општини во државата.

 

– Во нашата евиденција имаме регистрирано над 1.200 најактивни крводарители кои во секој момент можат да одговорат на повик ако итно треба крв за да се спаси нечиј живот. Годинава во нашето друштво на рекордери, кои дарувале над 100 пати, влезе и Венко Манасиев, кој иако е во средината на шестата деценија останува активен крводарител. Освен него, имаме и десетина други кои се се приближуваат кон овој рекорд, а посебно радува фактот што интерес за крводарителството има и меѓу младите виничани, истакна Кирил Цоневски, претседател на општинската организација на Црвен крст.

 

На средбата со крводарителите, Цоневски упати благодарност и до локалната самоуправа и Советот на општината за помошта околу легализирањето на објектот во кој работи хуманитарната организација, а за што не бил платен никаков надоместок.

 

Црвениот крст од Виница минатата година ја заокружи со собрани 1.287 единици крв, најмногу од крвните групи А и О, со што годишниот план за крводарување е натфрлен за околу два ипол пати.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.