Продолжи судењето на обвинетите за убиството на Саздовски

 Пред почетокот на денешното рочиште за Бесир Беља и Скендер Демири, обвинети за убиството на дваесетгодишниот Никола Саздовски-Саздо, јавниот обвинител до Судот достави оригинална наредба за обезбедување записи од видео камера од ЦД Безбедносен град.

 

Бранителот на второбвинетиот Беља, адвокат Стефан Ристовски побара Судот да не ја прифати снимката како доказ сега, туку во дополнителни докази во натамошната постапка, бидејќи тоа можел да го направи порано и оти таква можност имал седум пати досега. Со него се согласи и адвокатот Насер Рауфи.

 

Сепак, Судечкиот совет одлучи да се прифати како доказ, бидејќи не претставува пречка и оти Јавното обвинителство доставило и доказ дека снимката навремено била доставена до одбраната.

 

На барање на адвокатот на оштетените, Ванчо Шехтански се изведува како доказ психијатриски наод и мнение за претрпена нематеријална штета за претрпена болка заради загуба на блиско лице за родителите и братот и сестрата на Саздовски.

 

Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј. Љ. (19), кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид" на булеварот „Александар Македонски" во Автокоманда.

 

Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза".

 

Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје" во Шутка, а за третоосомничениот, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот, е распишана домашна и меѓународна потерница. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.