Над 400 инциденти од омраза во последните пет години

Прашања поврзани со безбедносните потреби на еврејските заедници, мерките кои агенциите за спроведување на законот во Западен Балкан, во соработка со локалните еврејски заедници, треба да ги преземаат заради подобро справување со безбедносните потреби на еврејските заедници и натамошно подобрување на владините одговори на антисемитските кривични дела од омраза беа дел од темите за кои денеска дискутираа учесниците на Регионалната конференција „Справување со антисемитизмот и адресирање на безбедносните потреби на еврејските заедници“.

 

Конференцијата, организирана во партнерство со Министерството за надворешни работи, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Еврејската заедница во Скопје, ги собра претставниците на полициските служби од министерствата за внатрешни работи и министерствата за правда, како и координативните точки за безбедност на еврејските заедници од Македонија, Албанија, БиХ, Хрватска, Црна Гора, Србија и Словенија.

 

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која во обраќањето пред присутните истакна дека дискриминацијата, злосторствата од омраза и говорот од омраза се сериозни проблеми во регионот и претставуваат закана за подобрување на меѓуетничките односи.

 

Нагласи дека меѓу 2013 и 2018 во земјава невладините организации регистрирале над 400 инциденти поврзани со омраза, од кои 23 биле изрвшени поради верската припадност или верските убедувања. Два од овие индицента биле поврзани со антисемитизам.

 

Земјите-членки на ОБСЕ, нагласи Која во обраќањето пред присутните препознаа дека антисемитизмот претставува сериозна закана низ историјата на човештвото и во нив силно се осудуваат ваквите појави и акцент се става на преземање превентивни мерки во таа насока.

 

-Омразата е секогаш алиби на сопствената фрустрација, која, пак, најчесто лежи во некоја од формите на неоствареност и неисполнетост. Оттаму логиката налага постојана превентивност не само од аспект на репресија, туку од еден поширок меѓуинституцонален аспект што опфаќа низа опшетствени сегменти, образование,  култура, социо-економски фактори,  изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во обраќањето на Регионалната конференција.

 

Тој нагласи дека  МВР таквиот вид на омраза благовремено ќе го детектира и бескомпромисно ќе го спречи во својот корен.

 

-Нашиот граѓанин е воспитан да не живее со омразата кон другиот и тоа воспитание е историска константа. Нам ксенофобијата секогаш ни била туѓа. Заради таквото наследство и тој дар оставен од нашите предци ние сме должни и натаму да бидеме будни. Подготвени за брз ефикасен одговор на институциите за сите обиди, трендови и појави на каква било омраза. Еврејската заедница во Македонија е тесно вткаена во севкупниот живот и развој на Македонецот, на нашето општество, таа е суштински дел од нас од овдешната култура, традиција и воспитание, рече Спасовски.

 

Виктор Димовски, државен секретар во Министерството за надворешни работи истакна дека оваа тема ги засега не само нашите сограѓани Евреите, туку и сите нас.

 

-Терористичките напади кои се случија изминатите години во неколку европски држави, а кои беа насочени кон животите и имотите на еврејската популација, при неодамнешниот напад на синагогата во Питсбург, во кој животот го загубија 11 Евреи се за жал една потврда дека антисемитизмот убива и нема граници, рече тој, додавајќи дека тоа е глобален проблем, бидејќи е директна закана за демократските општества.

 

Истакна дека предвидувањата се дека трендот на раст на антисемитизмот, но и другите форми на кршење на човековите права, како што се говорот на омраза, дискриминацијата, нетолеранцијата, ксенофобијата ќе продолжи и во иднина и дека истиот е побрз отколку мерките што се преземаат.

 

Во март оваа година, потсети тој, беше одржано комеративно одбележување на 75-годишнината од депортирањето на 7144 евреи од Македонија во логорот на смртта Треблика.

 

Берта Романо Николиќ, претседател на Еврејската задница во Македонија истакна дека Македонија токму поради мултиетничкиот и мултиконфесионалниот карактер е вистинскиот избор за вакви настани и вакви теми.

 

Нагласи дека долгогодишното опстојување на Евреите на овие простори е дел од македонскиот разнобоен мозаик.

 

– За нас Евреите од Македонија, како за нашата држава Македонија, овој настан со оваа тема е важен, бидеји истовремено претставува промоција за Македонија, земја која ги негува меѓунационалните, меѓуетничките односни, верската толерантност, уманизмот, рече таа.

 

Нагласи дека како една од петте верски заедници во Македонија, вклучени во Уставот еврејска заедница претставува потврден чинител во општеството живеење во Македонија.

 

-Таа самопосветено и гордо го негува своето еврејско минато и ја обликува еврејската и заедничката иднина тука во Македонија, нагласи таа.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.