Во Куманово ќе се заменат 10.000 водомери

 Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и менаџерскиот и стручниот тим на ЈП „Водовод“ на денешната прес-конференција информираа дека почна проектот за замена и инсталација на куќни, комбинирани, индустриски и ултразвучни водомери и нивна интеграција во систем за далечинско отчитување во системот за водоснабдување на подрачје на Општина Куманово.

 

Проектот вреден 1.650 илјади евра, средства обезбедени од Европската Инвестициона Банка, има за цел да обезбеди прецизни информации за потрошената вода и ќе овоможи да се намали процентот на загубата на вода. Во Куманово ќе се заменат 10.000 електронски водомери, набавени се софистицирани апарати и инструменти за откривање на подземни дефекти и софтвер за зонирање на водоводниот систем.

 

- Ја користам можноста да се заблагодарам на тимот на „Водовод“, на Владата и на Министерството за транспорт и врски кои најдоа начин по четири години да го одблокираат проектот и бенефитот да го почуствуваат граѓаните на Куманово, изјави Димитриевски.

 

Директорот на претпријатието Горан Стојковски, информираше дека досега се поставени 1.000 водомери кај правните субјекти, а наредниот период ќе бидат поставени останатите кај домаќинствата, пред се во оние делови од градот каде водоводната мрежа е стара и каде има поголем број на станбени единици.

 

- Со софистицираната опрема ќе можеме да правиме, дневни, неделни, месечни анализи кои ќе покажат кои се загубите на вода за да работиме и да ги сведеме на прифатливо европско ниво на 15 до 20 проценти, изјави Стојковски.

Во една минута однадвор без да се нарушува приватноста на граѓаните, со дигиталните читачи ќе се прочитаат 200 водомери. Стојковски најави дека првата фаза од проектот ќе заврши до јуни, наредната година, по што ќе аплицираат за замена на дополнителни 18.000 водомери со што би се опфатиле сите корисници на претпријатието.

 

- Битно е да се знае дека ова не е проект само за замена на водомери, битно е што ќе направиме зони и со посебен уред ќе се утврди дистрибуираната и фактурираната вода и ќе ги препознамеме невидливите дефекти кои се голем товар за претпријатието, изјави Стојковски.

 

Тој најави дека наскоро ќе почне нов проект „Скада Систем“ кој е вреден 825.000 евра, а потсети дека претходно претпријатието со европски средства учествуваше во проектот за реконструкција и изградба на канализационата мрежа во вредност од 4,6 милиони евра. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.