Николовски: Почна исплатата на сточарите за предаденото млеко

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски соопшти дека денес почна исплатата кон сточарите за предаденото млеко со што се заокружува исплатата на субвенции за произведено и предадено млеко во 2017 година.

Исплатата од оваа трета фаза се врши преку платежната агенција и ќе бидат исплатени над 150 милиони денари, посочи Николовски.

-Денес се врши исплата на 6.784 апликанти земјоделци, фармери, сточари кои што предале овчо, козјо или кравјо млеко и кои денес на своите сметки добија над 150 милиони денари. Производството на млеко освен што е традиционална индустрија во делот на агросекторот, таа е посебно значајна и за целокупната економија која во овој дел бележи пораст, истакна Николовски.

За време на посетата на општина Битола, министерот Николовски посочи дека МЗШВ распиша и во тек е склучување на договори за земјоделска земја наменета за производство на сточна храна.

-На  овој прв оглас во историјата има голем број апликанти. Исто така преку програмата за директна поддршка ставивме акцент на сточарите, фармерите кои имаат директен развоен потенцијал и тие добија 10 проценти зголемени субвенции  во оваа година, а во следниот период Владата ќе излезе со дополнителен сет на политики со главен акцент на сточарството како значајна гранка во севкупниот агроиндустриски сектор, нагласи Николовски и додаде дека оваа инвестициска поддршка ќе биде зголемена.

Според Николовски, со интегрирањето на државата во ЕУ и НАТО, значително ќе се зголеми поддршката на руралниот сектор и земјоделството во целина за што ќе може да се користат многу поголеми финансиски средства од досегашните.

Освен со земјоделците, Николовски разговараше и со градоначалникот на Битола Наташа Петровска која го информираше за процесот на исплата на обесштетувања за земјоделците за оштетените земјоделски површини предизвикани од невреме и град.

-Комисијата за утврдување на предизиканите штети врз земјоделските површини ја заврши работата, штетите беа проценети, извештајот на комисијата е прифатен со одлука во Советот на општина Битола и целокупнот извештај е доставен до владината комисија за проценка на штети. Сега Владата треба да го разгледа овој извештај и навремено да им овозможи на земјоделците да ги добијат средствата со кои што ќе биде завршено обештетувањето, рече Петровска.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.