„Патриотизам - ДА, национализам НЕ!" - за граѓаните партиите се виновни за национализмот

„Национализмот е себичност“, „Партиите се виновни за национализмот“, „Национализмот не звучи убаво“ се дел од одговорите на граѓаните во анкетите што ги спроведе граѓанската платформа „Цивил“ во проектот „Патриотизам - ДА, национализам НЕ!“.

 

Голем дел од анкетираните граѓани, како што истакна Џабир Дерала од „Цивил“, навеле дека партиите се генератори на негативните последици од процесите во Република Македонија.

 

- Важно во овие анкети е што граѓаните добро ја знаат разликата меѓу патриотизмот и национализмот. Знаат што значи да се сака сопствената земја, а од друга страна знаат и какви се последиците од тоа под изговор на љубовта кон земјата да се мразат одредени заедници, да се мрази одредена држава, или да се мрази одредено нешто. Тоа говори дека во Македонија политичката култура сепак не е на ужасно ниско ниво како што дел од нас имаат тенденција да веруваат, рече тој.

 

Посочи дека „Цивил“ многупати јасно укажал дека национализмот е алатка со која се служат деструктивните сили во земјава, што го попречуваат демократскиот процес и забележа на институциите што не се справиле досега со проблемите како национализмот, говорот на омраза, лажните вести, повиците на насилство...

 

Тој посочи како пример дека има над сто случаи на говор на омраза и други дела поврзани со национализмот и радикализмот се пријавени во ОЈО, и се уште нема случаи кои се завршени.

 

Санта Аргирова, која како колумнист е дел од проектот, вели дека национализмот е опиум за народот и одржува одредени влади на власт, го кочи напредокот и развојот на нови идеи што би го направиле животот поубав. - Национализмот ја уништува Земјата, вели Аргирова.

 

Истакна дека и во 1993 година кога Македонија требала да биде примена во ОН под привремената референца имало силни поделби на патриоти и на предавници, а тие поделби дошле уште повеќе до израз и со потпишување на Времената спогодба со Грција.

 

- Сега сме исправени пред друга димензија. Дали треба да се гласа или дали да се бојкотира. Ако сами си го уништиме правото да гласаме „за“ или „против“ нешто, самите ќе си бидеме виновни, во овој случај сите треба да се преиспитаме и да ја искористиме шансата, оцени Аргирова.

 

Во однос на патриотизмот и национализмот, смета дека тенка е линијата меѓу нив и оти во државава се уште постојат луѓе кои сметаат дека имаат право да управуваат со младите луѓе, да ги поттикнуваат на насилство за сопствени цели.

 

Александар Кржаловски од МЦМС вели дека граѓанското општество ги пропуштило сите овие години за да дебатира за патриотизмот, особено во поделбите на патриоти и на предавници да се отвори таа дебата и да се изградат позициите на Македонија во однос на спорот со Грција.

 

- За жал поделбата повеќе е тука внатрешна отколку што сега имаме разлики со Грција и пак се појавува таа иста дилема на патриоти и предавници. И едниот и другиот избор не е добар, вели тој.

 

Во однос на претстојниот референдум смета дека луѓето треба да го искористат правото и да излезат да гласаат.

 

Проектот „Патриотизам - ДА, национализам - НЕ!“, е со поддршка од програмата Цивика Мобилитас, имплементирана од МЦМС, а финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка.

 

Целта на проектот, посочува „Цивил“, е да придонесе кон намалување на деструктивните последици од национализмот и екстремизмот во општеството и да ја објасни разликата меѓу патриотизмот и национализмот. Проектот ги прикажува придобивките од јакнењето на соживотот, подобрување на односите со соседите и кон забрзување на евроатлантските интегративни процеси на Македонија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.