Промоцијата на романот „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски

Вечерва во кафе-книжарницата „Буква“ во 20 часот ќе се одржи промоцијата на романот „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски, во издание на „Или-или“. Промоторка на книгата ќе биде писателката Николина Андова-Шопова. Романот влезе во најтесниот круг за наградата „Роман на годината 2021“ на Фондацијата „Славко Јаневски“.

„Давор Стојановски напишал сјаен роман! Возбудлива и непредвидлива приказна, прецизна нарација со брилијантно чувство за ритам и драматургија, со одлично изградена атмосфера и ликови, со вешто вклопени контемплативни прелевања (некои од нив антологиски парчиња). Му посакувам (и предвидувам) голем успех. Топла препорака“. Николина Андова-Шопова

„Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ е извонредно возбудлив роман поделен во три дела, во кои од различна перспектива се објаснува приказната. Уште по првата прочитана страница читателот добива чувство на возбуда и заинтересираност, што не попушта до последната. Романот се чита во еден здив, а потоа уште долго време останува во потсвеста. Срѓан Ивановиќ, Плусинфо.

Давор Стојановски (1987, Скопје) е писател, поет, преведувач и музичар. Магистрирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Неговите дела се застапени во домашни и во странски антологии. Неговиот прв роман „Ненасловена месечева соната“ (2013) влезе во потесниот круг за наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, а со вториот роман „Собирачи на пепел“ (2016) стана лауреат. Третиот роман „Утеха за голите“ (2018) беше номиниран за Наградата за литература на ЕУ за 2020 година.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.