Доделување на наградата „Златен објектив“ на Кинотеката на Олга Лукова Дончиќ и Благоја Куновски - Доре

Кинотеката, по повод својот роденден, на 29 април, секоја година го доделува признанието „Златен објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Оваа година – на 20 мај (петок) во 12. часот – на сцената на летното кино „Мирно Лето“ на Кинотеката ќе бидат доделени годишните награди „Златен објектив“ на филмската монтажерка Олга Луковска-Дончиќ и филмскиот критичар Благоја Куновски-Доре. На Лауреатите ќе им бидат доделени традиционалните пригодни плакети и значки стилизирани во духот на кинотечните вредности.

Олга Лукова Дончиќ е родена во Скопје, 1945 година, каде завршува средно музичко училиште во 1964 година. Од 11 ноември 1967 работи во продуцентската куќа „Вардар филм“ како асистент монтажер на кратки филмови. За кратко време се осамостојува како монтажер на кратки, а подоцна и долгометражни филмови, соработувајќи со водечките македонски филмски автори. Кариерата ја завршува во 1986 година.Благоја Куновски-Доре е роден во Скопје, 1946 година, долгогодишен уредник и филмски критичар во Македонската радио и телевизија.

Куновски е и долгогодишен уметнички директор (2009-2019), селектор на главната натпреварувачка селекција (1995-2019), и директор (2016-2017) на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Тој е основач на уметничкото кино „Фросина“ и на фестивалот на европски филм CINEDAYS при Младинскиот културен центар во Скопје; основач и програмски координатор на Меѓународниот фестивал на анимиран филм АНИМАКС Скопје Фест.

Куновски со децении наназад е член на ФИПРЕСЦИ (Fédération Internationale de la Presse Cinématographique – FIPRESCI) десетина пати бил член и(ли) претседател на оваа водечка интернационална асоцијација на филмските критичари на филмските фестивали во Кан, Берлин, Венеција (три пати), Лондон, Москва, Карлови Вари...

Член е на Асоцијацијата на европски и медитерански филмски критичари „ФЕДЕОРА“ (FEDEORA- Federation of the European and Mediterranean film critics). Автор е на илјадници прилози, критики, есеи, фестивалски извештаи, портрети и интервјуа во македонските и светските медиуми. Куновски е коавтор на монографијата „Дожд: светот за филмот ПРЕД ДОЖДОТ на Милчо Манчевски“ (Rain : the world about Milcho Manchevski's film "Before the Rain"), 2004 година; коавтор и еден од уредниците на монографијата „40 години ИФФК Браќа Манаки“;соработник на филмските изданија и списанија на Кинотеката на Македонија: дел од редакцијата на „Кинотечниот месечник“ и долгогодишен автор и соработник на „Кинопис“; соработник и уредник во филмските списанија „Синеаст“ (Сараево), „Филмска култура“ (Загреб), „Филмограф“ (Белград) во екс-Југославија, итн...

Досегашни добитници на „Златен објектив“ се режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловски и Коле Манев; тонскиот снимател Глигор Паковски; аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ; директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков; филмскиот работник Коста Крпач; продуцентот Панта Мижимаков; филмската критичарка Илинденка Петрушева; монтажерите Димитар Грбевски и Спасе Тасевски; костимографките Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.