Нихон-Џи фестивал: Храм на јапонската култура во Македонија

На 28 мај, со почеток во 11 часот, во просториите на „Јавна соба“ во Скопје, ќе се одржи Нихон-Џи фестивалот - првиот, воедно и најголем фестивал за јапонска култура од овој тип досега организиран на нашите простори, вели организаторот.

Нихон-Џи, во организација на Јапан.нет.мк (japan@mk), ќе прикаже повеќе аспекти од јапонската култура, вклучително литература, хаику поезија, кинематографија, музика, архитектура, боречки вештини, гастрономија, мода и поп култура, односно аниме, манга, косплеј и видеоигри со цел да го пренесе совршениот микс на традиционалното и модерното од Јапонија во Македонија.

Во рамките на фестивалот ќе се претстават над 20 уметници и илустратори, 3 модни дизајнери, 7 хаику поети, 4 доџоа, професори, критичари, технолошки експерти, околу 48 гејмери, љубители на стратегиски игри, бонсаи градина и се очекува голем број косплеери.

Посетителите ќе можат да присуствуваат на работилници за специфични јапонски занаети (кумихимо, монкири и церемонија за чај) и на три посебни трибини (Културно општествена трибина: Јапонски животни и работни навики, култура, менталитет и општествени норми; Аниме: Разликата помеѓу западната и јапонската анимација и Литература: Популарни јапонски концепти во литературата и уметноста кои наоѓаат своја примена во зголемување на квалитетот на живот).

Фестивалот исто така ќе вклучи и турнири во игрите Текен, Покемон Го и Ју-Ги-О, како и продажен дел со суши, јапонско виски, јапонски чаеви, стратегиски друштвени игри, јапонски книги и манга стрипови, рачни изработки со јапонски мотиви, аниме фигури, итн.

Фестивалот ќе биде свечено отворен со присуство на амбасадорот Савада Хиронори, а ќе биде затворен со диџеј сет со јапонска музика и караоке настан.

Нихон-Џи фестивалот е подржан од Амбасадата на Јапонија во Северна Македонија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.