Најновите археолошки истражувања за древните Словени претставени во Нови Сад

После 25 години од последниот Шести конгрес за словенска археологија одржан во Велики Новгород, минатата недела, од 4 до 10 октомври 2021, во Нови Сад во Србија се одржа Меѓународната археолошка конференција „Словените и нивните соседи во 1 милениум н.е.“.

На конференцијата свое учество зедоа над 100 археолози од 17 различни држави, кои ги претставија своите истражувања, сознанија и размислувања во врска со културата на древните Словени и на нивните соседни народи.

Македонски претставници на конференцијата беа професорот Никос Чаусидис од Филозофскиот факултет во Скопје, и Игор Ефтимовски, докторанд на Филозофскиот факултет во Скопје. Тие го претставија своето истражување: „Словенски многуглави идоли - распространетост, генеза и значење“, во кое го разгледаа религискиот феномен на многуглави идоли кај Словените во контекст на поширокиот културен ареал на Евроазија.

Домаќин на конференцијата беше Музејот на Војводина од Нови Сад, а коорганизатори беа Музејот Ермитаж од Санкт Петербург, Центарот за балтичка и скандинавска археологија од Шлезвиг, Институтот за археологија при Руската академија на науките од Москва, Институтот за археологија при Чешката академија на науките од Прага, Лајбниц институтот за историјата и културата на Источна Европа од Лајпциг и Народниот Музеј од Белград.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.