Роденденска торта и концерт на „Синтезис“ за 61. роденден на Охридско лето

Со роденденска торта, што свечено ја пресече министерката за култура на Република Северна Македонија, Ирена Стефоска, НУ Охридско лето денеска го одбележа 61. роденден.

Директорката на фестивалот Охридско лето, Наташа Поповиќ. на денешната прес-конференција рече дека богатата историја на фестивалот е доказ за влогот на многу генерации и нивните напори да се исткае успешната приказна на врвната културна сцена.

„Секоја година 40-те фестивалски дена се празник на уметноста. Охридско лето носи околу 1.000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари од сите земји во светот. И во време на пандемија успеавме да ја продолжиме традицијата, да го задржиме квалитетот и да ги донесеме најдобрите домашни и светски уметници. Особено се гордеам што и покрај здравствената криза предизвикана од Ковид-19, успеавме оваа манифестација да не изгуби од својот квалитет. Напротив, продолживме и го надградивме квалитетот за што добивме и многубројни пофалби како од нашата верна публика така и од уметниците што се дел од програмата“, рече Поповиќ, која најави дека традицијата ќе продолжи, но, како што рече, во иднина фестивалот ќе чекори и кон модерни, побогати и разновидни уметнички достигнувања.

Денеска, на денот кога оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ во 1961 година го означи почетокот меѓународниот фестивал Охридско лето, НУ Македонски народен театар на фестивалот му предаде биста на големата Ана Липша-Тофовиќ, дело на академик Димо Тодоровски, датирано во 1970 година, со наслов „Орфеј на Ана“. Бистата е излеана во бронза, со димензии 99х55х32 сантиметри.

Според директорката Поповиќ, бронзената биста за фестивалот претставува вреден спомен, кој секогаш ќе потсетува на нејзиното дело и на зборовите „да ни е вечно Охридско лето“.

„Нејзината благородна мисија е аманет за сите нас да го негуваме и одржуваме блесокот на оваа сцена. Вечно благодарни кон нејзиниот лик и дело, посакуваме да се слави овој ден уште многу години. Посакуваме уште многу блескави моменти на следните фестивалски изданија“, додаде Поповиќ.

Одбележувањето на шеесет и првиот роденден ќе продолжи и вечерва со голем концерт на етногрупата „Синтезис“ на Античкиот театар.

Претставникот на групата „Синтезис“, Ванчо Јовчев, рече дека е огромна честа да се настапува на фестивалската сцена на која во текот на годините настапиле врвни уметници од целиот свет.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.