Затворање на „Скопско лето“ 2021

Овогодишното 42. издание на манифестацијата „Скопско лето“ ќе се затвори вечерва, 30 јули, со концерт насловен „Вода“ на Давор Јордановски и неговиот бенд, во Куршумли ан со почеток во 21:00 часот.

Изведувачи се: Давор Јордановски – клавијатури, Алек Секуловски – тапани, Огнен Георгиевски – електричен бас, Оливер Јосифовски – контрабас, Сања Шуплевска – виолина, Орце Зафировски – фагот, Александар Јовевски – кавал, тамбура. Специјални гости се Љубојна и Васил Гарванлиев.

Концертот ќе се одржи согласно протоколите за одржување настани, а влезот ќе се регулира со билети по цена од 300 денари кои се во продажба онлајн на karti.com.mk и на влезот на Куршумли ан пред почетокот на настанот.

Давор Јордановски & Вода

Музиката на „Вода“ е вешто изработен спој на заводливи балкански мелодии со џез, фанк, класични и рок стилови.

Познатиот пијанист, композитор и продуцент Давор Јордановски и неговата група „Вода“ го нурнуваат слушателот во древни звучни предели, обмислени со модерен вкус. Покрај разновидноста во инструментацијата и интелегентно распоредените ритмички варијации, музиката на „Вода“ се одликува и со динамична и течна инструментација и звук. „Вода“ се храни од својата околина и зазема форма во контекстот на она што се изведува, отелотворувајќи, истовремено, спокој, чистота, промена, моќ и бес - исто како и самата вода.

Давор е роден и пораснал во Македонија, живее во Канада, а поминал и неколку години во Либија, како дете. Впечатоците од живеењето во таа култура остануваат со него додека расте во неговиот роден град Скопје, каде што е под влијание на музиката од Балканот и Европа. Во Канада, синтезата на музичките култури во музиката на Давор еволуира во уникатен стил, „world fusion“ што успешно обединува бесконечен спектар на разновидни звуци, инструменти, аранжмани и чувства. Давор своето класично музичко образование го продолжува и надградува со истражување на разни музчики стилови, како поп, џез, R&B, музика за филм, jazz fusion, амбиентална, како и музика за симфониски оркестар.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.