Групна изложба на млади графичари во МКЦ

Група млади македонски графичари - Ана Трајковска, Ивана Секулоска, Јован Јосифовски и Душан Стефановски, ќе ги презентираат своите дела, кои отстапуваат од канонизираното класично поимање на графичката уметност. Низ различни аспекти, преку манипулирањето со техничките, медиумските и стилски концепти ќе претендираат да ги прошират границите на нејзиното поле.

Преку индивидуалните експериментирања со графичкиот печат и неговото втиснување во и врз различните материјали (епоксидна смола, линолеумски отпад, гипс, желатинска фолија, лесонит, тул, хартија итн.) авторите помалку или повеќе, ќе успеат да ги допрат граничните подрачја и ќе ги прелеат и слеат во други ликовни медиуми во коишто непосредно можат да се препознаат карактеристиките на проширеното поле на графичката уметност.

Дел од петтемина автори, користејќи ги традиционалните методи на техничката изведба (но и своевидното рециклирање на графичкиот отпад), со нивниот индивидуален пристап всушност ќе ја манифестираат флуидноста на графичкиот медиум и прелевањето во интермедијалноста, која морфолошки ќе се артикулира во скулптурата, модниот дизајн, висечката инсталација, колажите и графитите. Иако концепциски и стилски меѓусебно се сосема диференцирани, сепак дифузната графичка линија на целата изложба го претставува оној заеднички именител, кој го означува примарниот интерактивен елемент, со кој авторите ќе го воспостават внатрешното дијалогизирање помеѓу делата, кои поединечно ги артикулираат различните поетички наративи: еколошките, социополитичките, феминистичките и културолошките.

Тие ќе бидат артикулирани низ презентирањето на двострано испечатениот, т. е. транспарентноста на античкиот скулпторски портрет на Ана Трајковска, како и транспарентноста на модниот дизајн на Ивана Секулоска; фрагментирањето и спојувањето на деловите во целоста на исклучителните критички колажи на Јован Јосифовски, и трансферирањето на уличната уметност во галериски простор на Душан Стефановски, така што во сите дела на авторите може да се забележат автентичните индивидуални дискурси. Иако нецелосната виртуелна рецепција на делата од потписникот на овој текст се чини сомнителна, сепак се надеваме дека нема да биде големо промашувањето од менталното проектирање до реалното презентирање на делата. Исто така се надеваме дека оваа изложба нема да биде единствена од ваков вид и дека во иднина на авторите ќе имаат уште поголем предизвик за натамошно истражување и исчекорување од класичната графичка уметност.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.