Луиз Глик добитник на Нобелова награда за литература

Шведската Академија во Стокхом годинешната награда за литература ѝ ја додели на американската поетеса Луиз Глик.

„Годинешната добитничка на Нобеловата награда за литература ја краси непогрешлив поетски глас кој со строга убавина го прави индивидуалното постоење универзално“, соопшти во образложението Шведската академија за книжевност.

Претставник на Академијата додаде дека поетесата била изненадена кога го добила нивниот телефонски повик.

Глик е родена во 1943 година во Њујорк, во семејство на унгарски Евреи кои емигрирале во Америка, а денес живее во Кембриџ, Масачусетс. Покрај тоа што се занимава со пишување, таа е и професор по англиски јазик на Универзитетот Јеил.

Постојаниот Секретар на Академијата, Матс Малм, рече дека разговарал со Глик непосредно пред да го објави соопштението.

„Пораката беше изненадување, но добродојдено изненадување, според мое мислење,“ рече Малм, пренесува британскиот јавен сервис „Би-би-си“.

Глик е четврта жена која ја освоила престижната крижевна награда во последнава деценија, и 16-та по воведувањето на Нобеловите награди во 1901 година. Последниот американски државанин кој освоил ваква награда е Боб Дилан во 2016 година.

Глик освои Пулицерова награда во 1993 година за нејзината збирка „Дивиот ирис“ и Национална награда за книга во 2014 година. Други нејзини признанија се „Болинген“ награда за поезија во 2001 година, наградата „Валас Стивенс“, доделена во 2008 година и Национален медал за хуманистички науки (2015). Таа беше уредник на антологијата „Најдобра американска поезија“ (1993).

Наградата официјално ќе биде врачена во Стокхолм на 10 декември, на годишнината од смртта на Алфред Нобел. Поради пандемијата на Ковид-19, наградите на годинешните лауреати ќе им бидат врачени во шведските амбасади во нивните матични земји или во универзитетите во кои работат.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.