Утревечер почнува фестивалот „Крај Вардарот Џез“

Во организација на дискографската куќа ПМГЏЕЗ, утревечер со почеток во 19.45 часот започнува џез фестивалот „Крај Вардарот Џез“. Во рамки на двете фестивалски вечери на 23 и 24 јули, во паркот позади Младинскиот културен центар, под отворено небо ќе настапат 7 македонски џез состави.

На првата фестивалска вечер настапуваат: скопскиот џез музичар Филип Букршлиев, кој ќе отвири композиции од неговиот соло гитарски албум „Don't go away mad because the Duke is not coming back“. По него настапува веројатно најквалитетниот џез состав во земјава, ветераните „Сетстат“. Скопските „Зулу 3.4“, кои неодамна го издадоа својот втор албум се еден од најинтересните млади џез состави. Вечерта ќе ја заокружи „Кантон6Квартет“ техно-џез хибрид.

Следната вечер, в петок на 24 јули, фестивалот ќе започне во 20 часот.

Настапува светски реномираниот, македонски џез хармоникаш и мулти-инструменталист Јордан Костов со неговиот квинтет, кој поголемиот дел од времето го минува патувајќи, компонирајќи и соработувајќи со голем број музичари од светот. По него џез триото „Cobalt code unit“. Поимот „уникатно“ е врзан за нивните изданија. За крај, скопскиот состав „Светлост: Одрон Ритуал Оркестар“, луѓе кои со нивниот албум „Odron Ritual Orchestra“, успеаја да влезат во сите порелевантни светски топ листи за најдобар џез албум за 2019 година. Во „Светлост“ членуваат 11 музичари на сцена, што го прави нивниот настап вистинска атракција за публиката.

Фестивалот е производ на дискографската куќа ПМГЏЕЗ, која постои од 2018 година и досега има издадено 14 изданија современ македонски џез, а идејни творци се џез музичарот Владан Дробицки и музичарот и продуцент Мирко Попов. Културолошката заложба на ПМГЏЕЗ е пронаоѓање, создавање, снимање, издавање и промоција на квалитетна македонска џез, етно и кросовер музика. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура.

„Заинтересирани сме за проширување на опфатот на тоа што традиционално се вика џез. Македонското поднебје е богато со различни жанровски музички родови. Би било штета ова да не се искористи и убаво е правилно да се презентира пред домашната јавност. Самото сознание дека постојат толку прекрасни музичари, кои работат така квалитетна и различна музика, а речиси никој не им обрнува внимание, за нас е повик за акција. Наша примарна намера и фокус е македонска квалитетна џез музика. Тоа ќе промовираме и таква сцена и практика ќе градиме. Секогаш сме отворени кон добри идеи од страна, несомнено има куп квалитетни странски имиња, кои би сакале да ги слушнеме, што веројатно и ќе се случи во иднина. Но, не гледаме поента сите пари, кои ги имаме да ги трошиме на спектакл поради спектакл, туку намерата ни е да вложиме во домашната, автентична музичка сцена. Тоа подразбира фокус на домашни автори“ велат организаторите.

 

Влезницата е симболични 100 денари, а двете фестивалски вечери ќе се одвиваат според сите протоколи предвидени за организација на настани од овој тип, поради актуелната ситуација со коронавирусот.

Задолжително е носење маска, столчињата ќе бидат поставени на 2 метри растојание.

Организаторите на фестивалот апелираат до публиката да се држи до сите норми на однесување, се со цел да се заштитиме меѓусебе и наедно да покажеме пример дека настаните од културата можат да се одвиваат безбедно и во вакви услови.Бројот на посетители е ограничен на 300 седишта.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.