Израелскиот поет и романсиер Амир Ор лауреат на Струшките вечери на поезијата

Добитник на главната награда „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2020 година е израелскиот поет, романописец и есеист Амир Ор, соопшти Управниот одбор на фестивалот.

Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 26 до 31 август.

Во образложението на одлуката, професорката Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, потенцира:

„Амир Ор е интригантен автор, кој доаѓа и се надоврзува на една, исклучително богата, интригантна и влијателна книжевна и културна традиција, како што е хебрејската, која себеси постојано се градела низ вековите како своевиден палимпсест и синтеза на плодоносни гео-културни вкрстувања и разновидни творечки практики.

Амир Ор е водечки израелски поет, писател и есеист, познат како главниот глас на новата генерација од светската книжевност.

Автор е на 13 збирки поезија, од кои најнови се: Плен – избрани песни 1977-2013 (2013), Крилја (2015) и Дете (2018). Неговите песни се преведени на 50 јазици и биле објавени во поетски списанија, антологии и книжевни веб-страници, како и во 33 книги низ Европа, Америка и Азија. Негови романи се Песната на Тахира (2001), фиктивна епопеја во стихови, и Кралството, роман за животот на кралот Давид.

Ор е добитник на повеќе израелски и меѓународни поетски награди.

Според востановената традиција, одлуката за наградата за лауреатот на Струшки вечери на поезијата се соопштува од Управниот одбор на Свечена седница, што се одржува во МАНУ, но заради почитување на мерките за заштита од коронавирусот, овојпат организаторите испратија соопштение до медиумите.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.