Македонскиот народен театар одбележува 75 години од основањето

 

Во средината на четириесеттите години започнуваат да се основаат првите професионални театри на македонски јазик, а прв од нив е Македонскиот народен театар.

„Ова е логично продолжение на традицијата на патувачките и општинските театри и театрите на други јазици во Македонија“, се наведува во соопштението на МНТ по повод 75-годишнината од основањето.

По ослободувањето во 1944 година, веќе афирмираните македонски театарски дејци продолжуваат активно да се занимаваат со театар. Се сместуваат во различни општински згради и институции, организирано подготвуваат драмски претстави, патуваат низ Македонија и го развиваат и го обновуваат театарскиот живот на ново ниво, со примарен центар во Скопје. На тој начин се поставуваат темелите на Македонскиот народен театар.

Врз основа на правото за создавање на рамноправен член на големата театарска заедница и податокот за решението на Президиумот на АСНОМ од 31 јануари 1945 година за основање на Македонски народен театар истиот работи во тогаш единствениот театарски објект во градот, кој е изграден на иницијатива на Бранислав Нушиќ – од левата страна на Вардар, каде што е и денешната локација.

Јадро на театарската дејност во тоа време била најпознатата културно-уметничка група „Кочо Рацин“ дел од партизанскиот театар во текот на војната и социјалистичката револуција, а со текот на времето овие заложби резултирале со првиот национален македонски професионален театар.

За директор бил поставен режисерот Димитар Ќостаров, а актерот Илија Милчин за секретар-драматург, а веднаш потоа и за актер.

Потребата да се игра на професионална сцена и да се говори на сцена на својот јазик ја почувствувале веднаш примените актери: Петре Прличко, Тодор Николовски, Крум Стојанов, Трајко Чоревски, Мирко Стефановски, Благоја Црвенков, Вера Вучкова, Тодорка Кондова, Тома Кировски, сценографите Томо Владимирски и Василие Поповиќ – Цицо и повеќе сценски и административни работници.

Уште пред официјалното формирање, тие го започнувале патувањето на МНТ кон крајот на 1944 година со рецитирање поезија и изведба на едночинките: „Еден е патот“, „Нашето девојче“, „Љубов и долг“, „Гардиското знаме“ и „Силата на љубовта“, сите во режија на Димитар Ќостаров.

Основањето на МНТ како законски конституирана национална установа е надоврзување на патувањето кое го започнаа: Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Војдан Чернодрински, Петре Прличко и Димче Трајковски.

Продолжи на 3 април 1945 година со првата премиера „Платон Кречет“. Оттогаш Македонскиот народен театар и понатаму патува и сведочи за раѓањето, растежот и сегашниот миг на Македонскиот народен театар.

Создава свое место во земјата и на мапата на некогашна Југославија, Европа и светот.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.