Објавена драмата „Мајстори за огледала“ од Стефан Марковски

Деновиве во издание на литературното списание „Современост“ беше објавен драмскиот текст „Мајстори за огледала“ од Стефан Марковски.

 

Во драмата Марковски дава автентичен и комичен приказ на болни општествени точки и актуелни феномени од типот на популарноста и делотворноста на литературата за самопомош, миграцијата на младите, среќата наспроти лузерството, меѓугенерациските конфликти и материјализмот во ерата на глобалното пазарно општество.

 

Како што пишува Катерина Момева, „Стефан Марковски преку оваа комична фарса за догмите на глобално еродираниот свет, нѐ соочува со фактот дека малите земји со мали пазари остануваат центри за корупција, додека миграциите непрестано ќе се одвиваат во пренаселените европски држави. Во сето ова можеш да останеш човек кој не може да ги промени тековите, туку својата индивидуална судбина.

 

Огледалата се нашиот одраз, она што ние испраќаме на универзумот, тоа ни се враќа по принцип на огледало. Со драмска иронија Марковски фарсично го интерпретира верувањето дека енергијата се враќа онаква каква што ќе ја испратиш во универзумот, затоа што истото ова без современите изрази и фрази го знаеле и старите и мудрите, а дека среќата треба да се заснова на постабилни вредности Марковски автореференцијално коментира во фарсичен дух преку ликот на протагонистот.

 

Драмата е структурирана во 12 сцени, со автентичен авторски стил изразен преку линеарна драматуршка структура и контемплативна драматуршка нарација во манир на фарсичниот жанр, преку прецизни конфликти и изградени ликови“.

 

„Мајстори за огледала“ е прв драмски текст на Марковски објавен како книжевно дело.

 

Автор на корицата е академскиот сликар Никола Голубовски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.