Актерот и пејач Лука Чиковани – специјален гостин на „Џифони Македонија“

Со италијанскиот филм „Несовршена доба“ во режија на Улисе Лендаро, вечерва во 19.30 часот во киното „Милениум“ во Скопје, ќе биде официјално отворен 7.Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“.

 

Фестивалот ќе им посака топло добредојде на неколкуте стотици џифонци од десет земји, кои во наредните шест дена ќе гледаат филмови, ќе дискутираат, ќе учат за интересни теми поврзани со филмот, но и ќе се забавуваат.    

 

Специјален гостин на фестивалот ќе биде актерот и пејач Лука Чиковани кој глуми во многунаградуваниот филм „Среќен како Лазаро“ на режисерката Аличе Рорвахер. Овој филм, лани ја освои „Сребрена палма“ за најдобро сценарио на Канскиот филмски фестивал. Токму денеска по проекцијата на филм во 13 часот, тој ќе се сретне со џифонците и ќе поразговараат за филмот и за неговата кариера. Чиковани има и пејачка кариера. Најпрво започнал со кавери на познати хитови од Џастин Бибер и Шон Мендес, а денес има и негова музика.

 

Во наредните шест дена на повеќе локации во Скопје ќе се реализира богатата програма на фестивалот „Џифони Македонија“. Креативни работилници, мастер-класови и други едукативни активности ќе ги обединат повеќе од 600 деца и млади кои се поделени во три возрасни групи – јуниори (10 до 13), кадети (14 до 16) и сениори (17 до 19).

 

Главната тема на која ќе се фокусираат е заштитата на човековата средина, со посебен акцент на воздухот. Особено важни теми во повеќето филмови и активности ќе бидат и безбедноста на интернет и борбата против врсничкото насилство. Модератори на дискусиите по сите 15 филмови во натпреварувачка конкуренција ќе бидат актерите Столе Мицов кај јуниорите, Даниела Иваноска кај кадетите, а модератор на сениорите ќе им биде Марти Али, еден од најискусните и најпосветените џифонци.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.