Филмот „Патување до Сонцето“ од Јесим Устаоглу на Киненова

„Киненова“ денеска во рамките на програмата „Посветено на...“ во 18 часот во Кинотека на Македонија го прикажува филмот „Патување до Сонцето“,сценарио и режија: Јесим Устаоглу (Jesim Ustaoglu).

 

Јесим Устаоглу е член на жирито во официјална селекција на годинашново издание на „Киненова“. Таа доби меѓународно признание во 1999 година за филмот „Патување до сонцето“, кој се натпреваруваше на Берлинале и ја доби наградата „Синиот ангел“ (најдобар европски филм) и Наградата за мир пред да го освои Истанбулскиот филмски фестивал со награди за најдобар филм, најдобар режисер, награда ФИПРЕССИ и награда од публиката.

 

Од 20 часот во Кинотека ќе се прикаже филмот „Сожалување“, режија: Бабис Макридис (Babis Makridis), кој е во официјалната селекција. Ова е симпатична приказна за еден човек кој е среќен единствено кога не е среќен, човек зависен од тагата и страдањето, кој има болна потреба од сожалување, па затоа е подготвен истото да го добие од луѓето на секаков можен начин. Секако, истата ќе почне да ви се одмотува во главата дури по гледањето на филмот. „Ова е приказна за човек во свет кој не е доволно суров кон него“ со право гласи слоганот на филмот кој е уште еден бисер во надоаѓачкиот „чуден бран“ на грчката кинематографија, сценаристички потпишан од Ефтимис Филипу, авторот на „лудите“ филмови на Јоргос Лантимос, кои постигнаа завиден интернационален успех во изминатиот период.

 

Денешниот фестивалски ден ќе биде заокружен со филмот „Човекот кој ги изненади сите“, сценарио и режија: Алексеј Чупов (Aleksey Chupov), Наталија Меркулова (Natalya Merkulova), исто така од официјалната селекција.

 

Егор е бестрашен човек на сибирската тајга. Тој е семеен човек почитуван од заедницата, кој очекува второ дете со саканата сопруга. Откако ќе му биде дијагностициран рак, тој ќе се обиде да ја измами смртта земајќи сосема нов идентитет. Околината со тешкотии го прифаќа новиот Егор. Ова е уште едно моќно дело од новото руско кино, кое на суптилен начин си поигрува со темата „идентитет“, подарувајќи и’ на публиката неверојатни изненадувања, поради што досега собра дури 19 фестивалски награди низ светот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.