Лауреатот на Златна камера 300 за животно дело, Едвард Лакман пристигна во Скопје

ИФФК „БраќаМанаки“ информира дека на еден ден пред почетокот на 40-тото јубилејно издание, во Северна Македонија пристигна Едвард Лакман, годинашнит лауреат на Златна камера 300 за животно дело.

 

Лакман на скопскиот аеродром пристигна утринава, а утревечер во Битола ќе му биде врачена наградата на фестивалот што ја слави работата на кинематограферите.

 

Лакман е со децении во врвот на американските и светските кинематографери, со неколку филмови оскаровски кандидати, со две номинации за Оскар.

 

Јубилејното издание на фестивалот „Браќа Манаки“ свечено ќе биде отворено утревечер со перформанс чиј режисер е Срѓан Јаниќијевиќ.

 

-Се работи за своевидно синематично доживување во кое и публиката е вклучена како актер, како еден фрејм од „филмот”. Доживување во кое реалноста се претопува во уметност и обратно. Перформансот го работиме со Искра Шукарова и режисерот Јохан Мелин од Шведска, најави Јаниќијевиќ.

 

Сценографијата е на Марија Ветероска и Влатко Чачоровски. Костимите на Марија Папуческа. Музиката е remix на Илија Цветковски од тема од „Среќна нова 49-та” на Љупчо Константинов. Во перформансот покрај публиката учествуваат студенти на ФМУ-Скопје и Стефанија Милев.

 

По свеченоста на отворањето, во Центарот за култура ќе се одржат две проекции на најновиот филм на Педро Алмодовар „Болка и слава“, а на премиерата на филмот ќе присуствува и кинематограферот Хозе Луис Алкаине, соопштија од ИФФК „Браќа Манаки“. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.