Објавени изведувачите и тимовите кои ќе бидат дел од „Макфест 2019“

Раководството на фестивалот на забавна музика „Макфест 2019“ на денешната прес-конференција ги соопшти изведувачите и тимовите, кои ќе настапат на трите фестивалски вечери, на 10, 11 и 12 октомври.

 

– Годинава, фестивалот се совпаѓа со празникот 11 октомври, што ќе биде дополнителен придонес во одбележувањето на денот на македонската револуција. Иако е лето, време на одмори, подготовките си течат, со цел во октомври да имаме уште едне успешен фестивалрече Драган Ристов, од прес-центарот на Макфест.

 

Според уметничкиот директор, Владимир Дојчиновски-Дојчин, познати се учесниците на фестивалот и во тек е финализирање на композициите:

– Благодарност до општината и градоначалникот кои по втор пат ми го доверија Макфест и оваа година. Годинава ни се враќаат дел од ланските дебитанти, но и дел од победничките имиња, како што се Мина Блажев и Наташа Малинкова, но среќен сум затоа што на фестивалот се враќаат и поранешни победници и реномирани имиња од македонската естрада. Годинава на фестивалот ќе ја имаме и Биба Додева, Росана Сариќ-Тодоровска, Елена Петреска, се враќа и Александар Ристовски-Принц, имаме интересно дуо составено од Александар Митевски и актерот Драган Спасов-Дац, рече Дојчиновски.

 

Како што појасни тој, на фестивалот ќе настапи Лена и Бојан Моротови, пинковите ѕвезди – Мартија Станојковиќ и Трајче Георгиев, ѕвездите на Гранд – Огнен Здравковски и Мартинијан Кириловски, потоа Игор Узунов, Барбара, Виктор Апостоловски, но и тројца штипски изведувачи.

– Од авторските тимови, можам да кажам дека се застапени речиси сите, што ќе му даде посебен квалитет на фестивалот, додаде Дојчиновски. 

 

Техничкиот директор на „Макфест 2019“, Кирил Панајотов забележа дека во тек се и техничките подготовки за фестивалот. Постојат неколку идејни решенија за изгледот на сцената, а во тек се и останатите активности околу распишување на тендерски постапки за организирање на фестивалот:

– Наградите се 5.000 евра за прво место, 3.000 евра за второ, и 1.000 евра за трето место, додека техничките награди се по 500 евра поединечно, за најдобар аранжман „Драган Ѓаконовски – Шпато”, најдобар дебитант, вокална интерпретација и сценски настап, вели Панојотов.

 

Фестивалот финансиски го реализира Општина Штип, а тој е поддржан од Министерството за култура со еден милион денари. За преносот и годинава е задолжена МРТВ, а фестивалот ќе се оддржи на сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.