Од 19 јуни до 31 јули јубилејното 40.„Скопско лето“ на повеќе локации низ Скопје

Јубилејното 40. „Скопско лето“ официјално ќе биде отворено на 21 јуни со гала оперски концерт на Националната опера и балет по диригентство на Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ на плоштадот „Мајка Тереза“ со почеток во 21:30 часот.

 

„Скопско лето 2019“ ќе се одржува од 19 јуни до 31 јули на повеќе локации. Публиката на меѓународната манифестација „Скопско лето 2019“ најмногу ќе може да проследи концерти, како и ликовни изложби, претстави, мултимедијални проекти, ќе има филмска програма, традиционалното кафе кино и програма и за најмладите.

 

Почетокот ќе биде со домашните уметници, односно има два настана, едниот е во најава на „Скопското лето“ – „Грабење во просторот“ (ретроспективна изложба 1981 – 2019) на Глигор Стефанов. Изложбата ќе биде отворена на 19 јуни во 21 часот во Музејот на современа уметност. Целата изложба е поделена на три дела. Има една голема инсталација, во должина од 100-тина метри која ги отсликува сите негови циклуси од последните четири години. На 21 јуни, отворањето на „Скопското лето“ се посветува на музика, на Светскиот ден на музиката истовремено одбележувајќи го и првиот ден на летото. Отворањето ќе биде со гала концерт на Националната опера и балет. Публиката на 22 јуни ќе може да го проследи концертот на ромскиот фолклорен ансамбл „Рајко“ на плоштадот „Карпошово востание“.

 

На 14 јули во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје концерт ќе има машкиот камерен хор „Св. Ефраим“, кој е христијански хор. Предвидена е и презентација на два унгарски филма. Затворањето на годинашново „Скопско лето“ ќе биде со концерт на Ансамблот „Танец“, кој одбележува 70 години од своето постоење.

 

Организаторите апелираат да се следат социјалните мрежи, каде дополнително ќе бидат објавувани информации за сите настани и известувања доколку дојде до промена на локациите. Се подготвува и брошура во која ќе има текстови од учесници на „Скопско лето“, збогатена со фотографии.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.