Почнува ревијата на македонски филмови „Златна рамка"

Тридневната  ревија „Златна рамка" – македонски филмови реализирани во 2018 година со поддршка на Агенцијата за филм ќе почне денеска попладне во киното „Фросина" со прикажување три документарни филма, по кои ќе следуваат и проекциите на пет кратки и еден долгометражен филм.

 

Од 17 часот ќе бидат прикажани документарците: „Песна на бекташот" во режија на Гоце Цветановски, „Националност, вера, љубов" на Сабедин Али и „Последниот преродбеник" на Кујтим Ѓонај. Од 19 часот се кратките филмови: „Без љубов" на режисерката Дина Дума; „Магнолија" на Ана Опачиќ; анимираниот „Кружно патување  на монахот" на Жарко Иванов; „Одлука" во режија на Агим Абдула и „Зошто јас?" на Сенад Абдули.

 

Од 21 часот ќе биде прикажан долгометражниот „Враќање" на режисерот Кастриот Абули, кој премиерно беше прикажан лани во киното „Синеплекс". Филмот е снимен во копродукција со Косовскиот центар за кинематографија. Во една од главните женски улоги во филмот  се појавува и француската актерка Делфин Депардје, внука на познатиот светски актер Жерар Депардје.

 

Под мотото „Влези во наш филм", од денеска до недела ќе бидат прикажани 25 филма – два долгометражни, седум документарни и 16 кратки. Организатор на реавијата е Друштвото на филмски работници на Македонија-ДФРМ со идеја таа да стане традиционална за да се има увид што е снимено во претходната календарска година. Публиката ќе може да види филмови кои не успаеале да имаат премиера или да стигнат на кинорепертоар.

 

Во рамки на ревијата ДФРМ денеска од 11.30 во киното „Фросина" ќе одржи свечено собрание, а утревечер ќе додели три почесни награди – за автор, актер и филмски работник.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.