Светска премиера на „Медена земја“ на „Санденс“ на 28 јануари

Документарниот филм „Медена земја“ (Honeyland) во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска светска премиера ќе има на 28 јануари, на Филмскиот фестивал „Санденс“ (Sundance) во Парк Сити, во Јута, САД.

 

Филмот е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“ и е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија. Реализиран е во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координиран од „Фармахем“.

 

„Медена земја“ раскажува за последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа – 50-годишната Атиџе која живее со својата мајка во едно напуштено село во централна Македонија. Таа се обидува да ги спаси пчелите и природниот баланс во природата и медот го дели со тие што ѝ се ресурс – пчелите. Половина зема за себе, а половина им остава ним. Тоа, според режисерите, е и главната порака спротивна на општиот консумеризам. Филмот го снимале три години и, според нив, тој е повеќеслоен, а со поентата што ја носи и самите, како што рекоа, созреале и го  промениле односот кон себеси, другите луѓе и кон природата.

 

Продуцентот Атанас Георгиев, кој ја направи и монтажата на  85-минутниот филм, денеска на прес-конференција рече дека ретка можност е македонски филм да биде прикажан на престижен фестивал од А категорија како „Санденс“, каде што Македонија првпат ќе има долгометражен филм во официјална конкуренција на 12 филма од цел свет.

 

-Тоа е сериозно големо достигнување за македонската кинематографија. Имаме ремек-дело и огромна работа завршена од екипа со шест луѓе. Овој филм ќе има одличен фестивалски живот, зашто има е огромен број покани, истакна Георгиев.   Медот на протагонистката од филмот, рече, ќе биде дегустиран на промотивен настан во рамки на „Санденс“, заедно со македонско вино.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.