Хуманитарни акции во општина Кисела Вода

 Во пресрет на новогодишните празници, денеска во општина Кисела вода се одвиваа низа хуманитарни акции.

 

Утринава, градоначалникот на општина Кисела Вода Филип Темелковски и амбасадорот на Република Бугарија во Македонија Ангел Ангелов, ги посетија учениците од ДУРДМОВ „Димитар Влахов". Пред украсената елка дечињата испејаа песна, додека Дедо Мраз им подели новогодишни пакетчиња кои се донација од Бугарската амбасада и бугарското МНР, се наведува во соопштението од општина Кисела Вода.

 

Градоначалникот Темелковски се заблагодари на амбасадорот на Република Бугарија во РМ и на директорот на училиштето „Димитар Влахов" за денешниот настан и порача дека новогодишните празници се денови кога треба да си подадеме рака и да направиме некое добро дело.

 

-Нормално, тоа треба да го правиме и сите останати 364 дена во годината. Да ја испратиме старата година и да ја дочекаме новата и да соработуваме сите заедно. Се надевам дека и во иднина ќе соработуваме со бугарскиот амбасадор. И досега имаме одлична соработка во различни проекти, а во иднина ќе соработуваме и со училиштето „Димитар Влахов", каде што имаме неколку проекти почнувајќи од градината што ја правевме. Се надевам дека во иднина ќе имаме и многу други проекти, за да се подобрат условите во училиштето, а со тоа и да ја разубавиме нашата општина, изјави Темелковски.

 

Амбасадорот  Ангелов рече дека денешниот настан е дел од нивната хуманитарна претпразнична акција во која дале 850 пакетчиња на деца со различни проблеми со цел, како што рече, тие деца да се чувствуваат што е можно повеќе интегрирани во општеството и малку да се израдуваат пред празниците.

 

Од Општината информираат дека пакетчиња кои се донација од градоначалникот Темелковски добиле и дечињата од Дневниот центар за деца од улица, лоциран во општина Кисела Вода. Се работи за дваесетина дечиња евидентирани како питачи или деца во ризик. Тие се претставија со приредба, а на градоначалникот му подарија честитки кои самите ги изработиле.

 

Градоначалникот Темелковски дискутираше со вработените во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје во чии рамки функционира Дневниот центар за деца на улица- Кисела Вода за наредните чекори за можна соработка која би довела до подобри услови за дечињата кои тука го минуваат своето секојдневие.

 

Донација од прехранбени артикли добија и неколку социјално загрозени семејства кои живеат на територија на општина Кисела Вода. Оваа хуманитарна активност во пресрет на новогодишните и божикните празници, се организира од страна на припадниците на полкот за специјални операции од Армијата на Република Македонија во соработка и поддршка од општина Кисела Вода.

 

Припадниците на баталјонот за специјална самена – волци и припадниците од ренџерскиот баталјон – ренџери својот еднодневен оброк одлучија да го дадат на оние кои во моментот тоа им е попотребно. Заедно со нив, во посета на социјално загрозените семејства, беше и шефот на кабинетот на градоначалникот Горан Петковски, се наведува во соопштението од општина Кисела Вода.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.