Почна изградбата на спортско-адреналински парк во Карпош

Денеска почнаа активностите за изведба на спортско-адреналинскиот парк по должина на Кејот на реката Вардар, со почетна точка кај алпинистичката карпа во општина Карпош.

 

Станува збор за нова, уредена зелена површина, спортско-рекреативна зона која ќе се простира на површина од 10.000 м2.

 

Општина Карпош за овој парк, преку Секторот за развој, аплицираше со проект во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), при што добиен е грант во висина од 38.100.000 денари. Оваа финансиска поддршка ја обезбедија Европската Унија и Владата. Учеството на локалната самоуправа изнесува околу 5 милиони денари.

 

Во денешната изјава за медиум, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, се осврна на содржините кои ќе ги содржи паркот, како и за трајната придобивка што ќе се добие со неговата реализација.

 

„Во рамки на паркот ќе има ново, уредено зеленило на површина од 4.000 м2, 120 нови дрвја, како и: детско игралиште, фудбалско игралиште на песок со трибини, одбојкарско игралиште на песок со трибини, скејт-парк, адреналински содржини, а оваа целина ќе биде заокружена со сквер што ќе се простира на површина од 140 м2.Оваа зелена, спортско-рекреативна зона ќе се надоврзува на големиот парк, до бунарите на реката Лепенец.

 

Имено, по завршувањето на спортско-адреналинскиот парк, се фокусираме на уредување на јавниот простор до бунарите на реката Лепенец. Како трајна придобивка е целосното разубавување на овој потег, конечното решавање на деценискиот проблем со создавање диви депонии и палење огнови на отворено“, рече Богоев.

 

Тој напомена дека овој парк е едно од главните ветувања во неговата изборна програма и истиот се очекува да биде завршен до крајот на јуни 2020 година. По долги години се создаваат нови „бели дробови“ на Карпош и на нашето Скопје. Во изминатите години Карпош се соочи со сериозно узурпирање на јавните површини, но локалната самоуправа спроведува континуирани мерки за надоместување на изгубеното зеленило и хуманизација на јавниот простор.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.