Почна реконструкцијата на улицата „Московска“ во Карпош

Екипите на Градот Скопје денеска ја започнаа реконструкцијата на коловозот на улицата „Московска“ во Општина Карпош. Увид во градежните работи на оваа делница извршија градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.

 

-Градот Скопје продолжува интензивно со реконструкцијата на инфраструктурата што е под негова надлежност. Денеска сме на улицата „Московска“, каде што ја почнавме реконструкцијата на коловозот во должина од 690 метри, предвидено е да не чини околу 8,2 милиони денари и да се заврши во рок од 20 дена, рече Шилегов.

 

Реконструкциите на сите улици оваа градежна сезона Градот ги завршува со рекордно кратки рокови со цел да обезбеди услови за одвивање на сообраќајот без создавање на сообраќаен метеж.

 

– Вечер ќе го затвориме мостот „Гоце Делчев“ од 17 часот до 22 часот од трговскиот центар „Мавровка“ во правец кон Владата, а утре во истиот период ќе го затвориме во обратен правец за да извршиме реконструкција на мостот, додаде Шилегов.

 

Тој потсети дека во текот на изминатите месеци целосно беа реконструирани улиците „Димитија Чуповски“, „Љубљанска“ и „Антон Димитров“, а реконструкцијата е во тек на улиците „Февруарски поход“, „Лазар Трповски“, „Ѓорче Петров“, „Лазар Личеноски“, „Московска“ и булеварот „Партизански одреди“.

 

Градоначалникот  Шилегов ги замоли граѓаните за разбирање додека траат градежните активности, зашто како што рече, целта е на крајот во Скопје да има функционален, модерен и безбеден сообраќај кој целосно ќе ги задоволува потребите на граѓаните. Упати и апел до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената патна сигнализација и да ги следат информациите за привремен сообраќаен режим што ги објавува Град Скопје.

 

Градоначалникот на Карпош додаде дека освен улици, направена е и изградба на целосно нов објект во Тафталиџе 2, а тоа е градинката „Јасмин“ и ново игралиште за фудбал во Тафталиџе 1 во осново училиште „Јан Амос Коменски“.

 

– Во летниот период продолжуваме со целосно темелни реконструкции на тоалетите и спортски сали во неколку училишта во Општина Карпош, како и целосна санација на сите градинки на територија на општината. Целта е онаму каде што имаше сериозна штета од непланска урбанизација да ги санираме штетите со патна инфраструктура, но и со зголемување на капацитетите и подобрување на условите во градинките и училиштата, рече Богоев.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.