Општина Карпош изгласа ребаланс на буџетот. Ќе се набавуваат нови контејнери за критичните локации

Со два милиона денари од сопствениот ребалансиран буџет, Општина Карпош ќе учествува во замената и унапредувањето на севкупниот систем за обирање на комуналниот отпад, која ја спроведува Градот Скопје.

 

Зависно од цената на контејнерите, за своите потреби локалната самоуправа одреди десетина критични локации, каде што ќе бидат поставени новите контејнери, соопшти Општина Карпош.

 

Новите контејнери ќе бидат со поголем капацитет и запремнина и од материјал отпорен на оштетување, опремени со хидрауличен систем на отворање и затворање на капаците. Со тоа ќе се намали непријатната миризба, односно ќе се зголеми хигиената околу контејнерите кај рестораните, на пофреквентните места и на густо населените локации во Карпош.

 

– Оваа Одлука беше едногласно прифатена од советниците на Општина Карпош, на денешната 15-та седница на која доминираше темата за ребалансот на Буџетот во пресрет на новиот Закон за буџет, кој е во собраниска процедура и за чија имплементација е потребен, според градоначалникот Стефан Богоев, преоден период со мерки кои ќе им овозможат на општините да ги реализираат претходно преземените обврски во инфраструктурата во полза на граѓаните, се наведува во соопштението.

 

Советниците на Карпош денеска гласаа и за нови стипендии за 20 талентирани спортисти. Од нив 16 ќе бидат стипендирани од Општината со по 3.000 денари, а четворица со по 2.000 денари. Исто така, 51 талентиран ученик од основните училишта од Карпош ќе добијат стипендии од по 2.500 и 2.000 денари, иако советничката од советничката група на СДСМ побара во иднина буџетот за младите таленти да се зголеми од 650.000 на 770.000 денари поради големиот број на апликанти.

 

Ова е второ ребалансирање на Буџетот на Карпош, со кој ќе се намали од 1,47 на 1,39 милијарди денари.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.