Отворена прва училишна градина во Скопје во која децата сами ќе произведуваат храна

Со промоција на новата училишна градина во ООУ „Аврам Писевски” во скопското село Бардовци, денеска се одбележа Светскиот ден на храната.

 

Градината лоцирана во ООУ „Аврам Писевски“, на 11 метри квадратни, претставува вид лабораторија на отворено и е прва од ваков тип во Македонија. Ја создадоа членовите на Слоу фуд Водно со поддршка на ФАО.  Засега во неа има растенија кои може да ја поминат зимата без покривка, нане, лаванда, жалфија, рузмарин и босилек, а напролет ќе се поседат и зеленчуци, па дури и овошје.

 

Целта на овој настан е да се поддржи отворањето градини во школите за практична едукација на учениците како се произведува храна, но и да се подигне јавната свест за здравата исхрана преку заштита на животната средина и грижа за заедницата. Во фокусот на Светскиот ден на храната годинава се младите, а мотото е „Нашите дејствија се наша иднина. Свет Без Глад до 2020 година е возможен”.

 

Од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО)  истакнуваат дека децата и младите се дел од генерацијата која може да го искорени гладот на Планетата.

 

Настанот го организираат Канцеларијата на ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заедно со граѓанските организации Слоу Фуд Водно и „Ајде Македонија”. 

 

Според проценките на ФАО, светот произведува доволно храна за да се нахранат сите, но сепак повеќе од 820 милиони луѓе во светот страдаат од хронична неисхранетост, а една третина од храната произведена низ целиот свет се губи или се фрла. Министерот за земјоделие истакна дека производството на храна е предмет на работа на министерството и токму затоа ќе ги поддржат настаните преку кои се зголемува јавната свест за овие теми.

 

 Поддршка најави и градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, поздравувајќи ја креативноста на тимот што ја покрена и спроведе ваквата иницијатива.

 

Денеска во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на храната се спроведува и донаторската акција „Нахрани 10.000“ во повеќе градови низ Макеоднија, а собраната храна потоа ќе се дистрибуира до социјално загрозените граѓани.

 

.be





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.