Во Ајватовци се одржа седмиот по ред „Саем на домашно вино“

Во присуство на голем број граѓани, во населеното место Ајватовци, по седми пат се одржа традиционалниот „Саем на домашно вино“, информираат од Општина Илинден.

 

Во изборот на најдобро домашно приготвено вино на традиционален начин, учествуваа дванаесетмина винопроизводители од Општина Илинден, а за најдобро беше прогласено виното на Трајче Трајковски од Ајватовци, второто место го освои Новица Апостоловски од Мршевци, додека трет беше винопроизводителот Божидар Костовски, од Бунарџик.

 

На производителот на најдоброто вино градоначалникот на Општина Илинден Жика Стојановски му врачи посебна плакета. Bлагодарници и пригодни награди тој им додели и на сите учесници во изборот на најдобро домашно приготвено вино.

 

Изборот на најдоброто вино, како и во изминатите години го извршија членовите на „Вински витези“ од Македонија - здружение кое што се грижи за промоција на македонското вино и на македонската култура.

 

Според зборовите на професорот Мишо Христовски, од здружението „Вински витези“, имале навистина тешка задача да го одберат најдоброто меѓу сите оние, како што рече, презентирани добри вина. Она што посебно радува е тоа што од година во година овој фестивал на виното добива на квалитет, особено што винопроизводителите се повеќе ги применуваат советите на „Винските витези“ за тоа како да се произведе што поквалитетно вино. 

 

Саемот на виното се одржува во дворот на црквата „Свети Трифун“, во рамките на одбележувањето на големиот верски празник посветен на овој светец и празникот на лозарите. Свеченоста почна со Божествена литургија во црквата „Свети Трифун“, што ја одржаа свештениците од Македонската православна црква-Охридска архиепископија, по што следуваше  симболичното закројување на лозовите насади.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.