Започна изградбата на нова градинка во Миладиновци

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски денеска присуствуваа на почетокот на изградба на нова детска градинака во населеното место Миладиновци.

 

Новиот објект ќе се простира на површина од 540 метри квадратни со капацитет за згрижување на 90 деца, на возраст од 2  до 6 години, како и деца на возраст од 9 месеци до 2 години, односно ќе се воведат јасли за најмладите.

 

„Како Влада посветено работиме на зголемување на опфатот на деца во предучилишно образование за 50%, за што забрзано се зголемуваат капацитетите во детската заштита и нема да запреме се додека не постигнеме опфат на деца од 100%. За идната година во Буџетот издвоивме 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градини, а изминатите две и пол години инвестиравме над 180 милиони денари и обезбедени се дополнителни 15 милиони евра од Светска банка за изградба на градинки”, рече Царовска.

 

Таа истакна дека освен што се зголемуваат капацитетите се работи на подобрување на воспитните програми и на јакнење на кадарот којшто се грижи и ги воспитува децата. Само во последната година платите на вработените во градинките се зголемени за 21% што е најголемо покачување до сега. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 30 милиони денари, од кои 24 милиони денари се обезбедени од Буџетот на Општина Илинден, додека 6 милиони денари се обезбедени од Министерството за труд и социјална политика.

 

Новата детска градинка е лоцирана веднаш до Централното општинско основно училиште „Браќа Миладиновци“ и новоизградената амбуланта во населено место Миладиновци, со што ќе се создадат услови за згрижување на најмладите од околните населени места каде што вкупно живеат приближно 4000 жители. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.