Со концерт на КУД „Дрежник“ од Хрватска, продолжува соработката меѓу збратимените општини Илинден и Решетари

Во Домот на култура „Илинден“ љубителите на фолклорот имаа можност да уживаат во настапот на Културно уметничкото друштво „Дрежник“ од Општина Решетари, Хрватска. Гостите од Хрватска на најдобар можен начин низ песни и игри ги пренесоа традиционалните обичаи од својот крај кои се пренесувани од колено на колено, што му даде посебна убавина на овој настан.

 

Реализацијата на концертот е дел од веќе традиционалната и повеќе од успешна соработка меѓу збратимените општини Илинден и Решетари, што беше причина во првите редови да се најдат и градоначалниците на двете општини, Жика Стојановски и Златко Ага.

 

– Посетата на Општина Илинден беше искористена и за повеќе работни средби на кои беа разменети информации и искуства за тековните проекти што се градат во двете општини, соопштија денеска од општина Илинден.

 

Општината Решетари што се наоѓа во западниот дел на Бродско-посавската жупанија во непосредна близина на Нова Градишка, се посочува во соопштението, е трета општина во Република Хрватска по искористеност на средства од ЕУ, па оттука размената на искуства е многу значајна за Општина Илинден.

 

Од 2012 година кога Општина Илинден и Општина Решетари потпишаа Спогодба за меѓусебна соработка и пријателство, со која се предвидени заеднички проекти во областа на културата, туризмот, стопанството, знаменитостите, образованието и спортот, како и унапредување на стопанството и социјалниот развој, континуирани се контактите меѓу двете општини и размената на искуства коишто даваат голем придонес во развојот на двете општини.

 

Истовремено, ООУ „Гоце Делчев“ од Општина Илинден и ОУ „Анте Старчевиќ“ од Општина Решетари, во рамки на меѓународниот проект „Мост на пријателство“, потпишаа спогодба за меѓусебна соработка чија основна цел, меѓу другото, е размена на разбирање и почитување на различните култури, запознавање со другите oбразовни системи, поттикнување на мобилноста на учениците и наставниците, како и размена на европска соработка во областа на образованието.

 

Во рамки на посетата на Општина Илинден гостите од Хрватска посетија дел од локалните економски зони, како и повеќе знаменитости во Општината и во градот Скопје.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.