Во Илинден чествување по повод 90 години од раѓањето на академиците Матеја Матевски и Гане Тодоровски

Во рамки на јубилејната 20-та Литературна манифестација „Илинден 2019“, во Домот на култура „Илинден“ се одржа чествување за академиците Матеја Матевски и Гане Тодоровски по повод 90-годишнината од нивното раѓање. По тој повод објавени се две изданија посветени на авторите ,,Дождови,, од Матеја Матевски и ,,Биографија,, од Гане Тодоровски.

 

Беседа за животот и творештвото на академиците одржа Раде Силјан, а дел од нивното творештво на присутните им презентираа Паскал Гилевски, Драган Мијалковски, Антонио Павловски и Ивана Боцевска. Антонио Павловски презентираше две антологиски песни на Раде Силјан посветени на поетите Гане Тодоровски и Матеја Матевски.

 

Матеја Матевски и Гане Тодоровски првите книги ги објавиле во 50-те години на минатиот век и во своето творештво создадоа големи опуси. Во својата беседа Силјан истакна дека Матеја Матевски спаѓа во редот на челниците на современата македонска литература, кој во изминатите децении на богата и континуирана творечка дејност создаде дела кои го легитимираат како автентична и неповторлива книжевна појава, како редок и стаменит творец, кој во нашиот простор востанови високи естетски стандарди.Зборувајќи, пак, за Гане Тодоровски, Силјан рече дека во целокупното негово творештво тој бил опседнат со македонската судбина.

 

 

Во рамки на литературната манифестација Илинден денеска се одржаа и промоции на книги од млади автори, а вечерва се отвора изложба на академскиот сликар Стефан Хаџи Николов и промоција на антологијата ,,Десет унгарски поети,,

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.