Со доделување признание ,,Клуч на Општината,, одбележан патрониот празник на Општина Илинден

Под мотото "Со Илинден традицијата продолжува“, на свечен начин Општина Илинден го одбележа патрониот празник "Илинден 2-ри Август“ и националниот празник на македонскиот народ, како и 22-те години постоење на општината. За прв пат оваа година на свечената седница што се одржа во салата на Советот на општината, на двајца стопанственици кои придонеле со својата работа за развојот на Илинден, градоначалникот на општината им го додели признанието, наречено ,,Клуч од Општината,,.

 

Ова признание се  доделува на правни и физички лица кои со поддршка на локалната самоуправа придонеле за побрз развој на општината во спроведувањето на нејзините планови и активности, за овозможување подобри услови за живеење, подобрување на животниот стандард и квалитетот на животот на граѓаните. Првиот добитник на признанието е Друштвото за меѓународен транспорт и шпедиција, Дени Интернационал. Сопственикот, Страшко Јакимовски за 1-ва скопска рече дека компанијата постои од 1991 година и сите овие години успешно функционира на територијата на Општина Илинден. Во компанијата работат три оддели, шпедиција, транспорт и магацинско работење. Ова признание ќе ги мотивира и понатаму да продолжат со успешна работа.

Признанието ,,Клуч од Општината,, го доби и Момчило Николовски кој на Општина Илинден и подарил деловни простории од 400 м2 каде што ќе се смести ЈКП Илинден. Како што истакна Момчило, тој и предходно инвестирал во Општина Илинден, учествувал во изградба на улици во должина од два километра и додаде дека општината и понатаму ќе ја има неговата поддршка.

Во рамките на одбележувањето на празникот, жителите на Илинден имаа можност да уживаат во атмосфера каква што може да понуди амфитеатарот во паркот ,,Галерија на отворено,, во настапот на нашата музичка легенда Влатко Стефановски, кој беше специјален гостин на вечерта. Влатко за 1-ва скопска рече дека присутните ќе можат да уживаат во концерт каков што свират по сите фестивали и летни концерти оваа сезона. Се заблагодари на општината што го поканила токму тој да гостува во пресрет на големиот празник Илинден.

Додека присутните уживаа во звуците на македонскиот виртуоз повозрасните жители им го честитаа празникот на сите граѓани. Задоволни се од тоа како изгледа нивната општина, потенцирајќи дека е една од најубавите во скопскиот регион. На помладите жители исто така им се допаѓа општината, а најмногу тоа што има многу детски игралишта каде што го поминуваат слободното време во игра и забава.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.