Арсовска: Средствата што Шилегов ги планираше за луксузни канцеларии за себе, ќе бидат наменети за младите

На денешната заедничка прес конференција на кандидатот за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска заедно со новоизбраниот градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски беше претставен проектот за создавање на Центар за софтверски инженеринг и хаб за иновативни ИТ компании во Аеродром.

Според Арсовска, создавањето на овој центар е приоритетно и затоа средствата што досегашниот градоначалник ги планирал за создавање нови луксузни канцеларии за себе, ќе бидат наменети за реновирање на простории и создавање што подобри услови за развој на младите луѓе.

“Денеска сме на оваа локација од каде сакаме да ја споделиме нашата визија за модерно Скопје. Ова е една заедничка заложба на оваа површина да биде идниот центар што ќе има за цел да работи на градење на ИТ потенцијалите, особено на територијата на Општина Аеродром меѓутоа и центар којшто ќе биде посветен на најбрзо растечката индустрија во градот Скопје, кој ќе овозможи за младите скопјани да имаат дом каде ќе можат да работат на своите проекти. Ова ќе биде едно значително решение за градот Скопје и верувам дека со оние средства кои од градоначалникот во заминување беа планирани за купување на луксузни канцеларии за него, сега во овој случај, дел од тие средства ќе бидат наменети за овој ИТ хаб во којшто ќе имаат можности сите млади луѓе да ги реализираат своите потенцијали во делот на софтверски инженеринг, да работат на својата надградба и наобразба. Сето она што сакаат да го направат и кои функционираат во најбрзо растечката индустрија во светот, ќе можат да го реализираат со поддршка на град Скопје. Моја искрена желба и голема радост е по заземањето на следниот 4-годишен мандат како градоначалник на Скопје, заедно со градоначалникот на Општина Аеродром, да овозможиме сите овие нови идеи и визии кои ги имаат младите луѓе да се реализираат. Ќе бидеме посветени на тоа да им се дозволи исполнување на нивниот потенцијал, а едновремено ние ќе бидеме тука за нив и да им ги овозможиме најдобрите услови за тоа”, истакна Арсовска.

Со овој проект ќе се реновира објектот што е во владение на општината и каде ќе биде сместен ИТ центарот за развој на младите луѓе во сферата на информациските технологии. За новоизбраниот градоначалник на Општина Аеродром со овој проект општината ќе стане центар за иновации и за претприемништво на територијата на Скопје.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.