Официјални резултати: шест скопски општини добија градоначалници по првиот круг

На вечершата прес-конференција на Државната изборна комисија, претседателот Александар Даштевски рече дека, според пребројувањето на гласовите, Тимчо Муцунски и Александар Стојкоски од ВМРО-ДПМНЕ се новите градоначалници на скопските општини Аеродром и Ѓорче Петров.

Врз основа на оваа информација може да се констатира дека по првиот круг, шест општини во главниот град добија градоначалници, а во другите четири ќе се оди во втор круг.

Претходно, врз основа на веќе обработените податоци беше објавено дека нов градоначалник на Бутел е Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ, на Гази Баба неговиот сопартиец Бобан Стефановски, на Кисела Вода - Орце Ѓорѓиевски од истата партија, а во Сарај беше реизбран Блерим Беџети од ДУИ.

Во вториот круг ќе се води битка за Карпош, Центар, Чаир и за Шуто Оризари.

За овие општини резултатите се пребројани во целост, па врз основа на тоа се знае дека во Центар во втор круг одат Горан Герасимовски од СДСМ со 40,24 отсто од гласовите и Наташа Котлар-Трајкова од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата со 33,27 отсто од гласовите во првиот круг.

Во Карпош битката ќе се води меѓу Душко Весковски од СДСМ со 32,24 отсто од гласовите по првиот круг и Стевчо Јакимовски со 23,69 отсто гласови.

Втор круг ќе има и во Шуто Оризари, каде што Ферат Асан од СДСМ доби 37,07 отсто од гласовите пред Курто Дудуш од ЛДП/ДОМ со 25,38 отсто.

Во Чаир за градоначалник во вториот круг ќе се тркаат Висар Ганиу од ДУИ - 48,87 и Беким Сали од АА/Алтернатива -  36,97 проценти од гласовите.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.