Петровска се пожали на бројни нерегуларности, но очекува голем број на советници во Скопје

Независната кандидатка за градоначалничка, Ана Петровска изрази незадоволство од спроведувањето на локалните избори. Таа потенцираше дека тоа го констатирале набљудувачите.

Петровска, пак, смета дека процесот за трансформација на Скопје во зелен хуман град е започнат. Таа вели дека премногу е рано за да се зборува за резултати: „Она што пристигнува до нас, од нашите набљудувачи имаме убава застапеност во смисла на процент на освоени гласови, што ќе значи голем број советници во Град Скопје. Но да почекаме до официјалните резултати“.

„Сакам да го изразам своето незадоволство од начинот како се организирани и спроведени локалните избори. Од наши набљудувачи од терен добиваме информации за бројни нерегуларности, импровизации и несоодветно толкување на Изборниот законик“, рече Петровска.

Драгана Велковска, носителка на советничката листа од „Зелен хуман град“ за Град Скопје вели дека тие се револтирани од како што рече, непрофесионалноста во спроведувањето на изборите. Таа смета дека нерегуларностите кои ги посочи можат да влијаат врз легитимноста на конечните резултати, па најавија и приговори, но и кривични пријави.

„Зелен хуман град имаше свои овластени претставници во три скопски општини. Аеродром, Центар и Карпош. Во соработка со другите независни листи имавме информации од други општини од терен. Најпрвин на избирачкото место 2600 во Карпош на наш претставник му беше забрането да присуствува во избирачкото место иако имаше официјално извстување од нас, па бевме принудени да носиме нов документ со печат и потпис за да биде присутен барем при броење на гласовите. Тој претставник има пријавено дека при броење на гласовите имало и оптор кај избирачкиот одбор и на овластените претставници не им беше овозможено веднаш да ги гледаат избирачките ливчиња како што е уредено со Изборниот законик. Забележавме пропусти на местото 2727, каде имаше неколкукратно прекинување на изборниот процес поради проблеми со апаратите за отпечаток. Тоа значеше дека граѓани беа враќани односно си заминуваа поради тоа што чекаа. Најупорните се враќаа по трипати, но ова беше класична опструкција и оневозможување на правото на гласачите. Околу 50 отсто од уредите за отпечаток не работеа, па се користеа останатите опции. Тие опции одземаа повеќе од 10 минути по гласач и тоа значи дека луѓето беа принудени да си заминат бидејќи многу чекаа или имаше непријатни ситуации. Забележавме и семејни гласања, гласања со придружба, помош при гласање од член на избирачки одбор што е спротивно на законикот. На избирачкото место 2722 се случило и од член на избирачкиот одбор да даде по грешка две исти ливчиња за градоначалник на Град Скопје, при што гласач гласал и двете ги ставил во кутија“, рече Драгана Велковска, носителка на листата од „Зелен хуман град“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.