Град Скопје подготвува нов закон за оџачарски работи, по германски пример

Град Скопје изработи текст на Нацрт – Закон за оџачарски работи, кој има за цел да ја возобнови и промовира професијата оџачар што е дефицитарна во Скопскиот регион и низ целата наша држава. Овој проект е дел од мерките што ги презема Градот за решавање на проблемот со аерозагадувањето во зимските месеци.

Во дводневна посета на Град Скопје се претставници од Нирнберг, коишто на работни состаноци со македонски правен експерт го усогласуваат текстот на Нацрт – Законот за оџачарски работи, во рамки на проектот „Оџачари за чисти печки и чист воздух во Скопје“.

Текстот на Нацрт - Законот го регулира оџачарството како професија и зема во предвид одредени аспекти од законодавството на Германија. Истиот како посебен закон има за цел да го пропише начинот и условите за вршење на оџачарските работи во согласност со законодавството на ЕУ. Со законското решение се предлага и креирање на оџачарски реони кои ќе овозможат јасни одговорности и начини за спроведување на работите кои оџачарот може да ги изведува единствено во рамките на својот реон, како и воведување на обврската домаќинствата и други субјекти еднаш годишно да ги исчистат оџаците.

„Оваа наша активност се стреми кон подобрување на состојбата со квалитетот на амбиентниот воздух во Скопје, преку донесување на законско решение кое ќе обезбеди услови за контрола и чистење на грејните тела од индивидуалните домаќинства, контрола и следење на изворите на емисии и спречување или намалување на штетните ефекти од загадувањето на амбиентниот воздух врз човековото здравје“, велат од Градот Скопје.

За потсетување, Градот Скопје доделува субвенции за исчистените оџаци и во 2018, 2019 и 2020 година беа доделени околу 1.000 субвенции, a Јавниот повик годинава трае до 30.11.2021 година, и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до исцрпување на средствата во износ од милион денари предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.