СКОПСКИ ЕПИЛОГ: Карпош - најтранспарентна скопска општина, реконструкција на улицата „Орце Николов“

Општина Карпош е рангирана како прва локална самоуправа во најголемиот, скопски регион според нивото на активна транспарентност во истражувањето спроведено од  Центарот за граѓански комуникации во соработка со УСАИД.

 

Станува збор за респектабилно истражување кое традиционално се споредува во државата  насловено како „Индекс на активна транспарентност 2020“.

Исто така, Карпош е и втората најдобра општина според активната транспарентност на национално ниво, веднаш после Велес, а  при рангирањето на сите институции е трета, по Министерството за одбрана (1) и Велес (2).

Под активна транспарентност се подразбира објавувањето на информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до  тие информации.

Истражувањето се спроведе преку прашалници и нивна проверка. Утврдено е дека Карпош ги има објавено најголемиот дел од потребните информации: контакт од лицето координатор за пристап до јавните информации, податоци за градоначалникот, надлежностите на општината, листа на раководители на сектори со контакти, статут, службени гласила, донесени ДУП – ови.

Во делот на финансиската транспарентност, Општината редовно го објавува и Буџетот, завршната сметка, ревизорските извештаи, а унапредување има во делот што од оваа година започнавме и со објавување на Граѓански буџет, со цел  да се постигне поголема информираност на граѓаните за начинот на трошење на буџетските средства.

Исто така,  тековно се известуваат граѓаните преку соопштенија за јавност и изјави, а локалната самоуправа сериозно работи и на респонзивноста, со тоа што постојано се одговара на граѓаните преку официјалните канали за комуникација (социјални мрежи, e – mail, мобилната апликација „мЗаедница“).

Активната транспарентност и помага на институцијата да биде поодговорна во трошењето на јавните пари, а граѓаните да бидат влучени во процесот на одлучување.

Овие постигнувања се поттик за унапредување на транспарентноста и во претстојниот период.

 

Општина Центар во јули започнува со реконструкција на улицата „Орце Николов“

Општина Центар континуирано работи на исполнување на барањата и потребите на граѓаните. Во месец јули ја започнува реконструкцијата на улицата „Орце Николов“, една од најфреквентите улици во градот, белег на Дебар Маало, но и една од најпознатите улици во Општина Центар, со што почнува со средување на неследениот сообраќаен хаос. Водејќи се од мотото „Здравјето и безбедноста на граѓаните пред профитот“, за заштита на пешаците, а особено децата, со новиот проект, ќе се стесни коловозниот дел на улицата, со задржување на двете ленти за возила и ќе се изведе нов кружен тек.

Почитувајќи ги урбанистичките стандарди и современ начин на живеење ќе се прошират тротоарите, со што ќе се ослободи повеќе простор за пешаците, велосипедистите и корисниците на другите видови алтернативен сообраќај. На улицата „Орце Николов“, ќе се овозможи непречено движење на пешаците и велосипедистите на улицата, а новиот изглед и функционалност на улицата ќе го стимулира користењето на велосипедот како алтернативен начин на сообраќај во насока на намалување на загадувањето. За воведување на ред во хаосот со тротоари окупирани од возила, ќе се воспостави нов режим на сообраќај, со воведување на таканаречено „каскадно паркирање“.

Градоначалниот Саша Богдановиќ и Општина Центар водат посебна грижа и за зеленилото и дрвата.Со реконструкцијата, постоечкиот дрворед по цела должина на улицата ќе биде задржан. Со проектот за реконструкција на улицата „Орце Николов“, уште еднаш се потврдуваат заложбите за ослободување на јавниот простор, стеснувајќи го делот за автомобилски сообраќај и ослободување на тротоарите од паркирани возила, особено во овој период, кога свеста за зачувување на животната средина и на јавните простори е на многу повисоко ниво.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.