СКОПСКИ ЕПИЛОГ: Прскање против комарци, доктори и сестри мобилизирани на Инфективна и 8 Септември, тестирање за упис во средно

На подрачјето на градот Скопје на 20 и 21 јуни (сабота и недела) во раните утрински часови ќе се врши авионска дезинсекција против возрасни форми на комарци, информираат градските власти.

Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, прскањето против комарци ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во истиот термин.

Пчеларите се повикуваат навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.

 

54 доктори и медицински сестри мобилизирани за борба со коронавирусот

Министерството за здравство информира дека капацитетите во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и Градската општа болница „8 Септември“ преку систем на ротација се зајакнати со медицински кадар со цел подобро и побрзо справување со коронавирусот.

Станува збор за 54 доктори и медицински сестри кои се прераспределени од јавно-здравствените установи ширум целата држава.

„Го мобилизираме целиот здравствен систем за побрзо да го надминеме и овој бран. Со вклучувањето на дополнителен тим значително ќе им ја олесниме работата и ќе им помогнеме на вработените во овие две установи во справувањето со овој непредвидлив вирус. Сакам да им порачам на сите, да ги слушаме нашите лекари, да се придржуваме до мерките за заштита, да не се групираме, да носиме заштитна маска и често да ги миеме рацете. Mораме да бидеме свесни дека само од нас зависи. Да ги почитуваме мерките без исклучок“, рече министерот Венко Филипче.

Во функција е ставена и монтажната болница, каде што се сместени тројца пациенти. Оваа болница е целосно опремена и има капацитет од дополнителни 72 кревети, како надополнување за Инфективната клиника.

 

На 22 јуни тестирање за упис во средните училишта каде што се пријавиле поголем број ученици

Јавните средни училишта во кои се пријавени поголем број  ученици со ист број поени во конкурсот за запишување ученици во средно образование ќе организираат квалификациско тестирање на 22 јуни со почеток во 10 часот, информираат од Министерството за образование и наука

„Учениците кои се пријавиле за гимназиско образование (за сите подрачја) ќе бидат тестирани по наставниот предмет математика и по македонски, албански, турски, односно српски јазик, зависно од тоа на кој јазик ја следеле наставата во основното образование. Додека, за учениците кои се пријавиле за здравствена струка (за сите образовни профили) ќе се организира проверка на знаењето по наставните предмети биологија и хемија, исто така на јазикот на кој ја следеле наставата во основното училиште“, објаснуваат од ресорното министерство.

Конечните ранг-листи со резултатите ќе се објават на 22 јуни 2020 година.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.