СКОПСКИ ЕПИЛОГ: Се уредува кејот на Вардар, сезонски линии на ЈСП, дезинфекција на маркетите во Центар
- Детали
- Категорија: Град Скопје
- Создадено: 17 Јуни 2020
Екипите на Град Скопје денеска почнаа акција за чистење и уредување на северната страна од кејот на Вардар, на потегот од реката Лепенец до Аеродром.
Во текот на наредниот месец на терен ќе работат екипите на јавните градски претпријатија „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Водовод и канализација“ и „Улици и патишта“.
Тие прво ќе го исчистат потегот, а онаму каде што е потребно ќе ги обноват патеките, ќе го уредат зеленилото и ќе го заменат осветлувањето. Во акцијата ќе се вклучи и УНДП преку имплементација на проект за поставување урбана опрема - корпи за џебен отпад.
„Оваа страна од регулираното корито на реката Вардар беше чудно запоставена и токму поради таа запоставеност во последниве две и пол години во неколку наврати тука имавме акции за расчистување мини депонии. Сега, левата страна на коритото целосно ќе ја уредиме за граѓаните да ја користат како што ја користат десната страна, односно ќе ја изедначиме и по квалитет на инфраструктурата и според можностите што се нудат на граѓаните. Истовремено ќе го засилиме инспекцискиот надзор. Ова го работиме заедно со УНДП, кои помагаат со поставување урбана опрема - корпи за џебен отпад кои недостасуваат од оваа страна на реката. Целта е скопјани да добијат нов, добро уреден јавен простор“, нагласи градоначалникот Петре Шилегов.
ЈСП: Од петок стартуваат сезонските автобуски линии 58 и 69
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ги информира патниците дека од петок (19 јуни) почнуваат да функционираат сезонските линии 58 (Транспортен центар - Јаболци, Нова Брезница) и 69 (Транспортен центар-Дивље, Катлановско Блаце, Кожле).
Во продолжение, ЈСП до јавноста ги доставува и термините на поаѓање и враќање на автобусите на овие две линии:
ЛИНИЈА 58
Петок и сабота
Транспортен центар-Јаболци во 6:15 ч и 16:30 ч
Јаболци-Транспортен центар во 7:20 ч и 17:30 ч
Недела
Транспортен центар-Јаболци во 6:15 ч и 16:30 ч
Јаболци-Транспортен центар во 7:10 ч и 17:30 ч
ЛИНИЈА 69
Петок и недела
Транспортен центар-Дивље во 5:45 ч и 15:30 ч
Дивље-Транспортен центар во 6:50 ч и 16:35 ч
Транспортен центар-Блаце и Кожле во 17:40 ч
Блаце и Кожле-Транспортен центар во 18:45 ч
Сабота
Транспортен центар-Дивље во 5:45 ч и во 15:30 ч
Дивље-Транспортен центар во 6:50 ч и 16:35 ч
Транспортен центар-Блаце и Кожле во 7:55 ч
Блаце и Кожле-Транспортен центар во 9 ч
Дезинфицирани се супермаркетите во општина Центар
Општина Центар континуирано продолжува со грижата за здравјето на своите граѓани и преземање мерки за спречување на ширење на опасниот вирус COVID –19.
По препорака на општината, извршена е дезинфекција на супермаркетите на територија на општината. За безбедност на купувачите и вработените дезинфицирани се маркетите на Веро, Тинекс, Рамстор, Жито маркет, Кам маркет и Стокомак и тоа корпите и количките за пазарување, подовите и површините кои се во допир со потрошувачите, како што се фрижидерите, услужните пултови, наплатните каси и вратите.
Општина Центар спроведе повеќе големи акции за дезинфекција на јавните површини со кои беа опфатени улиците, парковите, детските игралишта, спортските терени и урбаната опрема. Извршена е и дезинфекција на сите влезови во станбените згради и поставивени се гелови за дезинфекција на раце во влезовите. Дезинфицирани се и сите воспитно – образовни установи на територијата на општината.
Општина Центар и градоначалникот Саша Богдановиќ уште еднаш упатуваат апел до сите граѓани доследно да се почитуваат предвидените мерки за зголемена безбедност со што ќе се спречи ширењето на вирусот.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс