СКОПСКИ ЕПИЛОГ: Уписи во средно, детско игралиште во Козле, градоначалникот на Гази Баба позитивен на коронавирус

Пријавувањето и запишувањето на ученици во прва година, во јавните средни училишта во учебната 2020/2021 година ќе се реализира во еден уписен рок и започнува со првото пријавување на 16 и 17 јуни 2020 година.

Уписите продолжуваат во второто и третото пријавување од уписниот рок на 24, 25 и 29 јуни 2020 година.

Од учениците се очекува да имаат претходно пополнета пријава која е електронски достапна како и претходно подготвена целосна документација со цел што пократко задржување во училиштето.

Влезот во училиштето се ограничува само на учениците кои се запишуваат без придружба од родител/ старател со исклучок на ученици кои од оправдани причини се спречени самостојно да го извршат уписот, и во тој случај се дозволува присуство на еден родител/ старател.

Користењето на заштитна опрема како маски и ракавици, оддржувањето на 2 метри физичка дистанца и целосно почитување на насоките од присутните редари е задолжително за секој посетител, соопшти Град Скопје.

Обновено детското игралиште во Козле

Направена е целосна реконструкција на детското игралиште во Козле, меѓу кулите на улица „Јуриј Гагарин“ (бр. 52 – 56).Поставени се нови реквизити за рекреација на најмладите, како и заштитна ограда, со што се доби уредена зона која младите ќе ја користат и во текот на летниот распуст.

Игралиштето е обновено по иницијатива на д-р Ѓорѓи Паскалов (педијатар), кој во овој реон има здравствена ординација, која ја посетуваат голем број на дечиња со своите родители, информираат од општина Карпош.

Градоначалникот на Гази Баба хоспитализиран на Инфективната клиника поради коронавирус

Градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски од вчера е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести во Скопје, а утрово ги добил резултатите од тестот за коронавирус кои се позитивни. Тој вели дека е во добра состојба, а засега, нема одговор како и каде се заразил.

„Вчера го направив тестот, денес изутрина добив резултат и е позитивен. Без покачена температура, состојбата е во ред“, вели Георгиевски за „А1он“.

Претходно, заразени со вирусот беа и градоначалниците на Куманово, Максим Димитриевски, на Чаир, Висар Ганиу и Чешиново-Облешево, Горанчо Крстев.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.