Доделени наградите „13 Ноември“

Во Националната опера и балет, синоќа, по повод одбележување на 13 Ноември - Денот на ослободувањето на Скопје, градоначалникот Петре Шилегов свечено им ги додели наградите на годинешните

добитници, нашите сограѓани коишто со својот труд и творештвото дале свој придонес за развојот на градот и за неговиот севкупен напредок.

 

Од областа на науката наградата ја доби проф. д-р Христина Спасевска - професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии „Универзитет Свети Кирил и Методиј“- Скопје за остварувања во науката, техниката и стопанството од областа „Обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност“.

 

Од областа на хуманитарната активност наградата ѝ беше врачена на д-р Жикица Ѓорѓиевски, по професија стоматолог за континуирана поддршка на лицата од социјален ризик.

 

Д-р Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија, ја доби наградата од областа на културата за посебен придонес во културата и севкупниот развој и афирмација на Град Скопје.

 

Наградата од областа на уметноста ја добија Фросина Зафировска,  кустос советник во пензија, за значајни достигнувања во областа на музејската дејност, визуелните уметности, архитектурата и дизајнот и  Бисера Чадловска, диригент, за континуирано успешно творештво во областа на музичката уметност.

 

Од областа на публицистиката наградата ја добија Ерина Богоева, фотограф,  за изработка и издавање на монографијата со фотографии „Скопје-архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ и Александар Трајковски, музички педагог, истражувач и публицистза значаен придонес во областа на културата, уметноста и литературата со објавувањето на книгата “Музиката во македонскиот игран филм од Фросина до Лазар“.

 

Од областа на спортот наградата му беше врачена на карате клубот „Работнички“- Скопје, за 50 години постоење и постигнати врвни спортски резултати на домашен и меѓународен план.

 

За истата област награда доби и Алили Бесир, за освоено прво место на Европското првенство во борење за кадети.

 

Награда им беше врачена и на учениците Ана Марија Атанасовска и Стефан Стојковиќ од СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин “ за постигнати резултати во воннаставни активности и за успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности и посебен придонес за афирмација на градот Скопје во светот.

 

Во рамки на свеченоста по повод Денот на ослободувањето на Скопје, во фоајето на Националната опера и балет, беше отворена и изложба на ликовните дела, што беа насликани на меѓународната ликовна колонија „Скопје 2019“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.