Прва фотоволтаична централа на средно училиште на Град Скопје

Градоначалникот Петре Шилегов денеска присуствуваше на свеченото отворање на првата фотоволтаична централа на средното училиште на Град Скопје „Михајло Пупин“, коешто го прославуваше и својот патронен празник.

 

„Денеска СУГС 'Михајло Пупин' го слави својот патронен празник, но на мое огромно задоволство една од причините за моето присуство е и инсталирањето на првата фотоволтаична централа во училиште во Република Северна Македонија. Овој проект е доказ дека соработката на институциите на секое ниво може да вроди со сериозен квалитет и иновативност, идејата на учениците поддржана од Фондот за иновации и од директорот на средното училиште, како и од Градот Скопје, ни го даваат овој уникатен пример. Ова средно училиште, иако со мала моќност од 12 KW и 42 панели, сепак може да биде пионер и да воведе една мини револуција во пристапот и кон животната средина, меѓутоа и во пристапот кон енергетската ефикасност“, рече Шилегов.

 

Тој додаде дека со инсталирањето на оваа централа учениците во пракса ќе можат да видат како функционираат фотоволтаичните централи и дека се надева во текот на наредната година Градот заедно со училиштето ќе соберат финансии целиот покрив да го направат еден фотоволтаичен панел.

 

Исто така, тој додаде дека електричната енергија од обновливите извори треба да биде стратешка определба на нашата држава и посочи дека ова училиште треба да биде пример и за другите училишта и јавни институции на сите нивоа во земјата.

 

За реализација на овој проект учениците од „Михајло Пупин“ добија грант од Фондот за иновации во висина од 270.000 денари, а преостанатите средства до 600.000 денари,  колку што чини централата, се од буџетот на училиштето.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.