Регионална конференција за интегрирање на урбаните со руралните средини во Скопско

Миграцијата на населението од руралните средини, како и миграцијата од другите региони придонесе кон огромна просторна промена во урбанистичкиот и функционалниот раст на Скопскиот плански регион, истакнаа панелистите на денешната дводневна регионална конференција „Градење на функционално-просторни и економски структури за подобро интегрирање на урбаните со руралните средини во Скопскиот плански регион“.

 

Целта на конференцијата, организирана од Центарот за развој на Скопскиот плански регион, е да се даде придонес во областа на планскиот и урбанистички развој на овој регион заради обезбедување на услови за рамномерен регионален развој.

 

Љупчо Кец-Мицковски од Центарот за развој на Скопскиот плански регион истакна дека урбаните средини се соочени не само со дивоградби, туку и со економски, градежен социјален притисок, додека во руралните средини се соочуваат со депопулација, недостиг на основна инфраструктура и осиромашување, додавајќи дека ваквите промени имаат негативно влијание на развиеноста на општините во скопскиот регион, кој се помалку наликува на економска и функционална средина.

 

Заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески изјави дека темата на дводневната регионална конференција е актуелна не само за Скопскиот плански регион, туку воопшто и за целата држава, имајќи предвид дека територијата на нашата држава не е покриена соодветно со соодветни урбанистички планови.

 

– Знаеме дека планирањето е предуслов за одржлив развој. Притисокот што е во светски рамки за зголемување на популацијата во градовите се следи и кај нас. Имено, Скопје и неговата околина се повеќе влегуваат граѓани и од внатрешноста на Републиката. Ова од една страна претставува проблем со празнење на територијата на државата, меѓутоа особено преставува проблем за скопскиот регион затоа што е дополнителен притисок на постоечката инфраструктура. Во таа смисла, апсолутно е важно процесот на планирање да биде инклузивен и секогаш да одговара на потребите не граѓаните. Останува прашањето што се случи со она што беше предвидено во Стратегијата за рамномерен регионален развој во изминатите 10 години. На средината на имплементирање на таа стратегија се случи „Скопје 2014“, каде се потрошија 800 милиони евра или тоа е еквивалент на средствата што требаше за тие 10 години да се потрошат за рамномерен регионален развој за целата територија на држава, рече Павлески.

 

Претседателот на Советот за развој за Скопскиот плански регион и градоначалник на Гази Баба, Борис Георгиевски истакна дека Скопје е пред голем предизвик каде во наредниот период ќе треба да размислува за своите развојни програми во сите правци во делот на инфраструктурата, планско планирање, изработка на детални урбанистички планови и во идниот развој во комплетниот систем  на функционирање.

 

– На ова дводневна конференција ќе треба да работиме на изработката на стратешки документи каде ќе треба да имаме нов развоен план и нова програма за развој на Скопскиот плански регион. Со изработката на просторниот план ќе можеме да го подобриме и урбанистичкото планирање, да го намалиме и големиот обем на Градот Скопје и урбаните општини, а со тоа да ја примениме и развојната компонента на урбаните општини, изјави Геориевски.

 

Панелисти на Конференцијата ќе бидат експерти од земјава и странство, кои ќе учествуваат во размената на искуства и добри практики во планирањето на просторот и урбанизацијата и создавање услови за хумана средина за живеење.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.