Итни мерки на Град Скопје поради загадувањето на воздухот

Автобусите на ЈСП „Скопје" и приватните превозници од денеска, 20 јануари, ќе возат бесплатно за граѓаните на Скопје. Одлуката денеска ја донесе Град Скопје и стапува во сила веднаш, а ќе важи до моментот на намалување на загадувањето на воздухот за што јавноста ќе биде дополнително известена.

 

Портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху на прес-конференција соопшти дека е донесена и одлука за прекинување на сите градежни активности на градилиштата што се под надлежност на Град Скопје и ги повика и градоначалниците на скопските општини, исто така, да ги прекинат градежните активности.

Цените на паркирањето на паркиралиштата на Градски паркинг од денеска двојно се зголемуваат и тоа ќе важи до престанување на оваа одлука.

Итните мерки се преземени по добиеното известување од Министерството за животна средина дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот миниумум, односно над 188 микрограми на кубен метар на мерните станици во Карпош, Центар и Ректорат.

Салиху рече дека Град Скопје во изминатите недели вршел интензивен инспекциски надзор на инсталациите што се во негова надлежност со мерење на емисии во воздух и извештаите ги  објавува редовно. Интензивирана е, рече, контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади поради контрола на прашината.

Градот го повика Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции, а градоначалниците на општините во Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла.

ЈП „Комунална хигиена" е задолжено да продолжи интензивно да ги чисти градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје, а тоа им се препорачува и на  скопските општини. Град Скопје врши зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување стока преку Инспекторатот на Град Скопје.

 

-Бараме од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје и кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација. Бараме од Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот и да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување стоки издадени од страна на Градот Скопје, рече Салиху.

МВР, исто така, се повикува да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9.30 до 14.30 и по 18 часот.

Меѓу 13-те мерки и препораки на Град Скопје и повикот до неговите вработени, како и до вработените во  јавните претпријатија и институции на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз.

Салиху побара поголема вклученост и на другите институции и на граѓаните затоа што, како што рече, не можеме сами во оваа битка.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.