Одбележан 13-ти Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје

Со низа свечености денеска беше одбележана 74 годишнината од ослободувањето на Скопје.

 

Прво, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов оствари средба со членовите на градскиот одбор на Сојузот на Борците на НОВ. На средбата борците споделуваа спомени од ослободувањето на Скопје, а градоначалникот Шилегов изрази длабока почит и благодарност спрема нив.

 

Партизанските единици што биле вклучени во ослободувањето на Скопје речиси цел ден марширале кон Скопје, одејќи пеш речиси триесетина километри. Една од бригадите со околу 2.000 лица ја покривала цела Скопска Црна Гора. Кога пристигнале во Скопје веќе се воделе жестоки битки. Дванаесеттата бригада се борела за ослободување на десниот брег на Вардар, како и за сите поголеми објекти – хотелот „Македонија“, Народна банка, училиштето „Гоце Делчев“, Офицерскиот дом, радиото Скопје… Една од поголемите битки што се воделе тогаш била и онаа кај Старата железничка станица, а Германците биле присилени да се предадат.

 

Големи битки се воделе и на Водно и на Матка, а можеби една од најпогубните била онаа каде што сега се наоѓа кафеаната „Идадија“ во Дебар Маало. Завршната битка била за Учителската школа, кога биле заробени 70 Германци.

 

Во еуфорија на ослободено Скопје жените излегувале на улиците и ги пресретнувале борците со цвеќиња и по стариот обичај, со леб и сол, а потоа следувала и општа веселба на плоштадот, по кој парадирале партизаните. Дури 400 борци учествувале во ослободувањето на градот, а голем дел од нив биле и жени.

 

По повод одбележувањето на празникот делегација на Град Скопје предводена од градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и претседателката на Советот на Град Скопје положија свежо цвеќе пред Споменикот на ослободителите на градот Скопје на Партизанските гробишта Бутел и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски на градските гробишта Бутел.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.