Социјалната патролна служба на о. Ѓорче Петров на терен, во потрага по социјално загрозени лица

Александра, Кристина и Андријана се дел од социјалната патролна служба на општина Ѓорче Петров, единствена во државава, која секојдневно посетува семејства кои се наоѓаат во социјален ризик, со цел да им помогне во сложените процедури за добивање финансиска помош и вадење лични документи.

 

Патролната служба функционира две години, а психологот и двете социјални работнички волонтерски им помагаат на најзагрозените. Нивната задача е да ги детектираат ранливите категории на граѓани, а потоа и да направат лична проценка за помошта која им е потребна.

 

Како што не информираше Катерина Копевска, социјалната служба е во постојана комуникација со градинките, училиштата, полициската станица, амбулантата и старскиот дом во Ѓорче Петров, со цел полесно лоцирање на загрозените лица.

 

Сепак, и покрај добрата намера која ја имаат девојките од тимот, неретко се соочуваат со висок степен на недоверба кај семејствата кои ги посетуваат. Како резултат на тоа соработката се одвива отежнато, но добрата намера се препознава, а со тоа и довербата во институциите се враќа, вели Андријана Тасевска.

 

Екипата на Прва скопска, заедно со социјалната служба денеска беше во посета на семејството на Ајнур Симоновски, кој е самохран татко на пет деца, откако неговата сопруга пред точно шест месеци починала веднаш по породувањето.

 

Ајнур е работоспособен, но живее само со социјална помош. Вели дека општината досега му помогнала со храна и облека, но би работел било што за да го прехрани семејството и да излезе од списокот на социјално загрозени семејства.

 

Раководителка на секторот за социјална заштита Данче Василевска ги охрабри граѓаните на кои им е потребна помош, да се обратат во општината.

 

Од општина Ѓорче Петров велат дека по разговор со граѓаните и невладините организации е констатирано дека со функционирањето на ваквата служба значително е намалена сиромаштијата.

 

На 200 семејства од социјален ризик, изминатиов период им било помогнато со храна, облека и еднократна парична помош.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.